Новопоставениот претседател на Казахстан Касим-Јомарт Токаев предложи главниот град Астана да се преименува во Нурсултан, само ден откако Нурсултан Назарбаев поднесе оставка по 29 години на власт.
„Предлагам главниот град Астана да го преименуваме во Нурсултан во чест на нашиот прв претседател“, изјави Токаев, кој досега беше претседател на парламентот.
Тој ќе го одработи остатокот од петгодишниот мандат на Назарбаев до изборите наредната година.
Назарбаев изненади многумина, кога вчера, во претходно снимено телевизиско обраќање, го објави своето повлекување. Тој беше единствен претседател на Казахстан откако државата се стекна со независност од Советски Сојуз во 1990 година, но остана голем сојузник на Владимир Путин. Назарбаев, кој присуствуваше на инаугурацијата на Токаев, ќе остане на чело на влијателниот Совет за безбедност и лидер на владејачката партија.