Шинтерската служба при „Охридски комуналец” деновиве фати 15 најагресивни кучиња скитници кои ги пријавиле охриѓани и ги однесе во новоизградениот стационар кај месноста „Маутцкер” кај Охрид.
„По пријава од охриѓани, шинтерската служба ги фати најагресивните кучиња скитници и ги однесе во стационарот. Овој објект засега нема дозвола за работа, бидејќи треба да исполни повеќе критериуми што ги пропиша Агенцијата за храна и ветеринарство. Имаме проблеми со доводот на струја и вода, меѓутоа се надеваме дека тоа ќе биде решено. Важно е дека имаме место каде што можат да се приберат најагресивните кучиња, на кои се жалеа граѓаните”, вели Стефчо Маслов од „Охридски комуналец”.
За овие кучиња се грижат волонтери од Охрид. Здружението „Анималија” згасна и сега триесетина ентузијасти решија да се грижат за љангачите, како што во Охрид ги викаат кучињата скитници.
Во Охрид досега се регистрирани повеќе напади на луѓе од страна на бездомни кучиња.
Д. ЧУБРИЌ