И ДЕНЕСКА ВО КРИВИЧНИОТ СУД БОРБА ДАЛИ ДА ПОЧНЕ СУДЕЊЕТО НА ЛАТАС ЗА ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ, ДЕЛО КОЕ ЗАСТАРУВА ЗА 40 ГОДИНИ

    И ДЕНЕСКА ВО КРИВИЧНИОТ СУД БОРБА ДАЛИ ДА ПОЧНЕ СУДЕЊЕТО НА ЛАТАС ЗА ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ, ДЕЛО КОЕ ЗАСТАРУВА ЗА 40 ГОДИНИОд одолговлекувањето на почетокот на ова судење нема многу полза според она што го кажа неодамна специјалниот обвинител Гаврил Бубевски, според кој, делото на обвинетиот Павловиќ застарува за 40 години. - Драган Павловиќ Латас пред Кривичниот суд (Фото: СДК.МК)

    По две сменети судијки и сега со трет, судијата Ѓоко Ристов, по серија одлагања на судењата поради болест на член од семејството, поради болест и на обвинетиот Драган Павловиќ-Латас, еднаш и на неговата адвокатка, поради немање камера во судница како и од други причини, денеска во Основниот суд Скопје 1 пак имаше обид да почне судењето против него за даночно затајување.

    Павловиќ и адвокатите приговараа повеќе од еден час и иако сè беше реприза, новиот судија на овој предмет Ѓоко Ристов по закон, ги слушаше до последниот приговор. Ги запиша дури и тие што би се користеле за оценка на обвинителен акт, а обвинението за „Тотал“ е оценето уште пред година ипол. Адвокатите навлегоа и во побивање на докази, на една од бомбите, иако ни судењето, ни доказната постапка не се почнати.

    Од одолговлекувањето на почетокот на ова судење нема многу полза според она што го кажа неодамна специјалниот обвинител Гаврил Бубевски, според кој, делото на обвинетиот Павловиќ застарува за 40 години.

    „Дејствијата на обвинетиот Драган Павловиќ се отсликуваат во она што е даночното затајување и постапката се води за даночно затајување. Застарувањето за тоа кривично дело за кое што се гони обвинетиот почнува да тече од времето на последното дејствие. Последното дејствие е 2015 година, во даночната 2015 година, и релативен рок на застареност е 20 години, а апсолутен рок на застареност е 40 години“, рече Бубевски.

    Најголемата забелешка што и денеска ја изнесоа Павловиќ и одбраната е дека коригираното вештачење од вештакот Павле Гацов им било дадено од СЈО пет работни дена пред поднесувањето на обвинението за „Тотал“ и тие немале време да поднесат приговор. Потоа, и денеска ја спореа бомбата меѓу Павловиќ и адвокатката Надица Бадева, за која во еден момент тој кажа дека била и управител во една од неговите фирми. Адвокатката на новинарот и бизнисмен Павловиќ-Латас најави дека ќе оди ако треба и пред Стразбур да докаже дека со закон и со Устав е забрането прислушување и преслушување на разговори меѓу адвокат и клиент, а камо ли тоа да се користи како доказ.

    Специјалната обвинителка Елизабета Јосифовска која го застапува обвинението за „Тотал“ забележа што денешното судење на моменти заличе на оценка на обвинителниот акт. За корекцијата на вештачењето рече дека е само од техничка природа, не е на штета на обвинетиот и неа навреме ја добил обвинетиот. За разговорите на Латас и на адвокатката кажа дека е битен, бидејќи тие се за начинот и причините поради кои се вршат статусни промени на една од фирмите во негова сопственост.

    Судењето за „Тотал“ треба да продолжи на 30 мај. Предметот „Тотал“ е за даночно затајување против Латас, како сопственик на фирмите „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ и „Тотал медиа центар“ ДООЕЛ. Обвинетиот се товари дека за даночните години од 2008 до 2015, со намера тој и правните лица да одбегнат плаќање даноци во завршните сметки и даночните пријави давал лажни податоци. Според СЈО, правните лица го оштетиле буџетот за 121 илјади евра, а физичкото лице за 63 илјади евра.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира