Во Музејот на Северна Македонија во тек е акцијата „Европска приказна за културното наследство“, за сите на возраст од 12 до 18 години да го разгледаат и истражат наследството во својата околина и да ја раскажат својата приказна, како како дел од Европските денови на културното наследство (ЕДКН). Повикот трае до 18 април.
„Ако сте заинтересирани за разгледување, истражување и доживување на околината и наследството околу вас, тогаш вие сте вистинскиот #Креатор на наследство којшто го бараме! Сѐ што треба да направите е да побарате од вашиот родител или законски старател да постави слика или видео од наследството што сте го одбрале и кратка информација за вас преку веб-страницата на ЕДКН и вашата приказна ќе биде објавена на нивниот портал“, велат од Музејот.
Заедничката тема на одбележувањето во 2019, која беше прифатена од повеќето европски земји, е „Уметност и забава“.
Музејот на Македонија е основан во 1924 година, и има богати колекции од историја, средновековна уметност и од етнологија, кои се изложени на простор од околу 6.000 квадратни метри. До 2014, музејот располагаше и со археолошка збирка, која сега е дел од Археолошкиот музеј на Македонија.
- МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНИЈА Е ИГНОРИРАН, А ИМА БОГАТСТВО ЗА ГОРДЕЕЊЕ, ВЕЛИ СОПРУГАТА НА АМЕРИКАНСКИОТ АМБАСАДОР КЕЈПИ ПОЛК БЕЈЛИ
- ДИПЛОМАТИ И БИЗНИСМЕНКИ НА СТОЕЊЕ ИЗГЛЕДАА МОДНО ШОУ ВО МУЗЕЈ
Сопругата на поранешниот американски амбасадор во Македонија Џес Бејли, Кејпи Полк Бејли во 2017 беше една од организаторките на модната ревија „Мејд ин Маседониа: Современ дизајн накитен со минатото“. Бејли студирала текстил и односот на текстилот врз културата, традицијата и уметноста во општество, во историски и модерен контекст, а потоа и работела во Музејот во Вашингтон како водич во одделот за текстил.
Тогаш, на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК, што би им препорачала на Македонците во однос на грижата за културното наследство, Бејли рече: „Искористете го Музејот, прифатете го, бидете горди на ова, ова е нешто што луѓето низ целиот свет би можеле да го видат, да го откријат, да се поврзат со него. Македонците имаат нешто со што навистина треба многу да се горди, прекрасни, интересни дела, кои имаат приказни. Повторно велам, ползувајте го. Кога доаѓам овде со Македонци, ги слушам како велат: ’Вакви работи има кај баба ми, ајде да ги најдеме работите од моето село. Тоа е забавно. Ова е нешто со што навистина треба да се гордеете“.
За време на Европските денови на културното наследство на годишно ниво се организираат повеќе од 5.0000 настани во 50 земји – потписнички на Европската културна конвенција и имаат повеќе од 30 милиони посетители. Деновите се заедничка акција на Советот на Европа и Европската комисија.
„Децата и младите луѓе имаат клучна улога во иднината на заштитата и промовирањето на културното наследство и го претставуваат најзначајниот ресурс за креативни и воопшто за придонесот кон културата“, велат од Музејот.
Б. НЕСТОРОСКА