МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНИЈА Е ИГНОРИРАН, А ИМА БОГАТСТВО ЗА ГОРДЕЕЊЕ, ВЕЛИ СОПРУГАТА НА АМЕРИКАНСКИОТ АМБАСАДОР КЕЈПИ ПОЛК БЕЈЛИ

    МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНИЈА Е ИГНОРИРАН, А ИМА БОГАТСТВО ЗА ГОРДЕЕЊЕ, ВЕЛИ СОПРУГАТА НА АМЕРИКАНСКИОТ АМБАСАДОР КЕЈПИ ПОЛК БЕЈЛИСопругата на американскиот амбасадор во Македонија Кејпи Полк Бејли работела во Музејот во Вашингот како водич во одделот за текстил. Како благодарност од вработените во Музејот на Македонија добила брош пеперутка, кој со голема радост го носеше на пробата пред ревијата „Мејд ин Маседониа: Современ дизајн накитен со минатото“ (Фото: Ѓ. Личовски )

    Сопругата на американскот амбасадор во Македонија Џес Бејли, Кејпи Полк Бејли е една од организаторките на модната ревија „Мејд ин Маседониа: Современ дизајн накитен со минатото“ која во четвртокот се одржа во Музејот на Македонија. Триесет и шест модели продефилираа помеѓу витрините од Етнолошката поставка во креации на 12 македонски дизајнери, инспирирани од носијата на македонската жена, револуционерите, шапките, чевлите, од македонските планини.

    „Оваа ревија се случи како комбинација на две брилијантни идеи“, вели Бејли за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Таа вели дека нема искуство во модната индустрија, туку студирала текстил и односот на текстилот врз културата, традицијата и уметноста во општество, во историски и модерен контекст.

    „Кога прв пат дојдов да ја видам богатата збирка на Музејот, светлата не функционираа, покривот прокиснуваше, имаше многу прашина и се разочарав“, вели Кејпи Полк Бејли (Фото: Ѓ. Личовски)

    Потоа работела како водич во Музејот за текстил во Вашингтон, многу истражувала, и вели многу уживала во работата.

    Музејот на Македонија е основан во 1924 година, и има богати колекции од историја, средновековна уметност и од етнологија, кои се изложени на простор од околу 6.000 квадратни метри. До 2014, музејот располагаше и со археолошка збирка, која сега е дел од Археолошкиот музеј на Македонија.

    „Па кој не би можел да го сака ова (покажува на носиите). Ова е прекрасно. Гледам рефлексии на боите, на мотивите и тоа ме прави многу среќна“, вели таа.

    Пред 2, 5 години прв пат го посетила Музејот на Македонија, бидејќи, како што вели, текстилот е нејзина пасија, особено како ја рефлектира културата и историјата на еден народ.

    „Кога прв пат дојдов да ја видам богатата збирка на Музејот, светлата не функционираа, покривот прокиснуваше, имаше многу прашина и се разочарав. Потоа се запознав со Емилија Миладинова-Аврамчева, претседателка на македонскиот велком центар ’Добредојде’, која ми напомена дека размислува да организира нешто со македонските дизајнери. Јас веднаш си помислив, имаме проект. Одлучивме да направиме нешто со креациите на модните креатори, кои на некој начин ги рефлектираа овие традиционални мотиви“, вели Бејли, додавајќи оти прво размислувале ревијата да ја организираат во американската резиденција во Скопје, но потоа се договориле за музејот.

    Оваа ревија се случи како комбинација на две брилијатни идеи; – Кејпи Полк Бејли и Емилија Миладинова-Аврамчева (Фото: Ѓ. Личовски)

    Изложбата со Миладинова-Аврамчева ја подготвувале три месеци, период во кој се приклучила и модната новинарка Сани Богдановска. Организаторите ги исконтактирале македонските креатори, и некои подготвиле нови модели инспирирани од колекцијата на Музејот, а некои пак се комбинирани или адаптирани од претходни колекции.

    „Три месеци не се многу, ако земете во предвид дека овој музеј бил игнориран. Целосно го променивме осветлувањето, се исчистија не само витрините, туку и костимите и носиите. Многу се чистеше, ова е голем потфат за Музејот“, вели Бејли.

    „Условите на Музејот беа такви, што беше неопходно големо чистење, ревитализација на целиот музеј за да дојдеме до степен да ја организираме изложбата“, додава Миладинова-Аврамчева.

    На прашањето што би им препорачала на Македонците во однос на грижата за културното наследство, Бејли вели:

    „Искористете го Музејот, прифатете го, бидете горди на ова, ова е нешто што луѓето низ целиот свет би можеле да го видат, да го откријат, да се поврзат со него. Македонците имаат нешто со што навистина треба многу да се горди, прекрасни, интересни дела, кои имаат приказни. Повторно велам, ползувајте го.
    Кога доаѓам овде со Македонци, ги слушам како велат: ’Вакви работи има кај баба ми, ајде да ги најдеме работите од моето село. Тоа е забавно. Ова е нешто со што навистина треба да се гордеете“.

    Миладинова-Аврамчева смета дека културните работници во Македонија треба да се благодарни на вакви акции, бидејќи го промовираат македонското културно наследство во дизајн, текстил и потребно е што повеќе да се мотивираат Македонците и дома и во странство за да организираат слични настани.

    „Идејата е да ги поддржиме овие културни работници, затоа што тие се културни амбасадори на нашата земја. Ова беше прекрасна идеја, да се поврзат минатото и сегашноста и навистина направивме убава ревија“, вели Миладинова-Аврамчева.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари