1. Кога го гледав претседателот на Советот на обвинители Петар Аневски како бескомпромисно ја штити независноста на советот за седум помошници на Јанева и кога го видов како објасни зошто независноста нема да биде загрозена со уште пет помошници на специјалниот обвинител, ми текна на оној виц со кокошката и петелот. Петелот ја бркал кокошката низ буништето, а таа му бегала. Арно ама, петелот упорен, а кокошката не ни сакала да бега. Само сакала да мислат дека е чесна. Па си рекла: “Ај да потрчам уште едно крукче, да не речат дека сум лесна кокошка”.
Ситуацијата е сериозна. Не е за вицови. Договор од Пржино е во прашање. И европската иднина на државата плус. А и не е во ред актерите на кризата да се споредуваат со петли и кокошки, а државата со буниште. Затоа треба на одлуката на Советот на обвинители да и попушти на Јанева да се гледа со должна доза на сериозност. Мудрата максима на претседателот Ѓорге Иванов “Разумен компромис е разумен компромис”, сè повеќе добива практична примена. Конкретен пример дека тоа функционира видовме на примерот на независното тело Совет на обвинители. Катица бараше 14 помошници, Советот независно одлучи дека доволни и` се седуммина. Катица се закани дека ќе бидат избрани или сите, или ниеден. Советот рече дека нема шанса да го смени ставот. Оти тие таму не дозволуваат политичко мешање и притисоци. И по две недели трчање крукчиња Советот на обвинители независно и без притисоци одлучи: Ни по наше ни по нејзино, ни седум, ни четиринаесет. Туку 12. Советот попушти. Катица прифати. И дојдовме до компромис. Што е политички коректен израз за обично пазарење.
2. Според законот за полиција, секој министер добива бенефициран стаж. На одработени 12 месеци, следуваат дополнителни 4 месеци стаж. Во случајот на поранешната министерка Гордана Јанкуловска кај неа бенефициите се ептен заслужени. Барем според она што го чувме во сечените, монтирани и лепени телефонски разговори. Дванаесет месеци работела за МВР, а четири месеци за ВМРО. Или обратно? Зависи од годината.
Како беше она на денот на изборите кога доаѓале странските набљудувачи? МВРО-ВМРО? Море треба уште стаж да и` допишат.
Премиерот Никола Груевски објаснувајќи што се договориле за ингеренциите на преодниот министер за внатрешни работи, рече дека заменикот на министерот што ќе биде од ВМРО-ДПМНЕ ќе има право на вето за кадровските работи на министерот од СДСМ. И подвлече дека со тоа ќе се обезбеди “да не се претвори новото МВР во партиска постава на една политичка партија”.
Да не мислел на “партиска постава на друга политичка партија”?
Како беше она на денот на изборите кога доаѓале странските набљудувачи? МВРО-ВМРО?
3. Поп ѕвездата Адел го проби рекордот со милион пати продадена една песна за една недела. Нејзиниот најнов хит “Хелоу” се врти на сите радија на секои три минути.
Адел се врти на радијата. А Груевски на телевизиите. Од сабајле до вечер на сите телевизии како партиска реклама се пушта неговиот говор на 23 Октомври. Партијата плаќа реклама за говор на премиерот одржан на државен празник. По сто пати на ден слушаме и веќе да – сфативме. 23 Октомври е роденден на ВМРО. Добро де. Сфативме. Народот ќе реши на избори? Добро де, сфативме. Народот ќе реши. Ова е наша земја. Добро де. Сфативме. Ова е наша земја.
Тоа не е пропаганда. Тоа е единствената конкуренција на Адел. Хелоу. И здраво.
4. Во врска со имињата на новите згради во кои се сместени државни институции не ми се јасни повеќе работи. Кој ги измислува имињата? Како им доаѓаат идеите? Кој решил дека воопшто треба да им се дава имиња на зградите? По кој критериум се избира која зграда со чие име ќе се крсти? Кој одлучува кое име ќе се стави на списокот за имиња на згради? И конечно, кој ги одобрува имињата за секоја поединечна зграда?
Кога почнаа со именување на катните гаражи малку имињата им беа без концепт. Измешаа и луѓе и востанија и конгреси. Кај си паркиран? Во Тодор Александров. Кај ќе се најдеме? Пред Солунски конгрес. Оти во Разловечко востание немаше место. А јас пак најдов место во Македонска фаланга. Некако неконзистентно ми стои.
Затоа пак именувањето на зградите на јавните институции со имиња на личности од историјата има повеќе смисла. Некако е поиздржано. Башка и палати ги викаат. Па Министерството за надворешни работи го крстеа Палата Борис Сарафов. А зградата на јавното обвинителство Палата Петре Пирузе – Мајски. Пукнати се за палати џанам. Од гипс да е, ама палата да е.
Зградата на Агенцијата за електронски комуникации се вика Палата Света Лидија. Како што пишува на објаснувањето на плочата од зградата “Свети Апостол Павле ја крстил првата христијанка во Европа македонската Лидија и ја основал првата црква во Европа”. Свети АЕК. Традиционална заштитничка на електронските комуникации уште од времето на раното христијанство.
Оние што се во АЕК треба да бидат особено внимателни и прецизни во одговорот ако некој ги праша каде работат. Кај одиш? Кај Лидија. Која Лидија? Има незгоден одговор на тоа прашање што возљубените демохристијани не го зеле предвид кога ја крстеле зградата.
5. Петкатната зграда на Археолошкиот музеј во која е сместен и Уставниот суд се вика Палата Александар Македонски. Ем музеј ем палата. Ама зошто Александар Македонски? Во тој музеј има бесценети археолошки артефакти ископани во Република Македонија. Прв пат на едно место се изложени праисториските Адам од Говрлево, Големата Мајка и Тетовската Менада. Бесценето. Ископано тука.
Покрај овие непроценливи оригинали има и една гипсена копија на некаков саркофаг. Оригиналот на тој саркофаг од 4 век пред нашата ера е ископан во Либан, а се чува во Истанбул. На саркофагот има релјеф што прикажува некаква битка на Александар Велики. И поради тој релјеф се вика Саркофагот на Александар Велики. И токму поради тоа име нашата копија е купена од музејот во Истанбул. И поради тоа, зградата во која е сместена копијата се вика Палата Александар Македонски.
Толку за идентитетските прашања.
6. Тетово минатата недела се закити со титулата најзагаден град во светот. Градот под Шара одамна нема доволно вода за пиење, ама сега нема ни доволно воздух за дишење. Нема вода. Нема воздух. Ама има двојазични табли. Има живот.