Ѓорге Иванов, кому вториот претседателски мандат му истекува на 12 мај 2019 година, нема да се враќа како професор на Правниот факултет кај што предаваше до пред 10 години.
Владата на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК одговори дека кабинетот на Иванов се интересирал официјално кај Службата за општи и заеднички работи, колку изнесува годишниот буџет за поранешен претседател на државата.
„Кабинетот на Иванов до СОЗР доставил прашање која е висината на определниот буџет и дали може да ги започнат подготовките за селидба. Одговорот на СОЗР е дека висината е 8% од годишниот буџет предвиден за институцијата Претседател на Република Северна Македонија и дека во рамките на тој буџет треба да поднесат до СОЗР и барање за канцелариски простор. Барањето до денеска, 1 мај 2019 година, се уште не е поднесено”, ни одговорија од Владата.
Освен што се интересирал за привилегиите што му следуваат по Законот за претседател на Република Северна Македонија, Иванов засега не побарал ништо од владината Служба за општи и заеднички работи, во смисла на простории за кабинет, мебел, список на вработени во евентуалниот иден кабинет. На наше прашање, не добивме потврден одговор од Владата дека тој побарал служба и транспортни возила за селење од претседателската вила на Водно каде Иванов со сопругата и синот живееја во текот на целите два негови мандата. Нема список и на предмети кои се сопственост на вилата, односно на СОЗР, кои Иванов би сакал да ги задржи за спомен.
Освен информацијата дека се подготвува за селење, Владата не дава други детали.
Доживотен претседателски кабинет користи Бранко Црвенковски со околу четворица вработени. Исто толку му следува и на Иванов. Доживотната плата на „пензиониран” претседател на Северна Македонија е во висина на актуелниот.
Според Уставот и законот, доживотните привилегии еден поранешен претседател може да ги загуби само ако бил разрешен со импичмент или ако Уставниот суд констатирал за време на мандатот дека претседателот има деловна неспособност.
С. К. ДЕЛЕВСКА