СО ЈАВНО-ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВО ЗА ВЕШТАЧКО ОПЛОДУВАЊЕ САКАМЕ ДА ВИДИМЕ ДАЛИ ДРЖАВНАТА БОЛНИЦА МОЖЕ ДА ИМ БИДЕ КОНКУРЕНЦИЈА НА ПРИВАТНИТЕ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    СО ЈАВНО-ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВО ЗА ВЕШТАЧКО ОПЛОДУВАЊЕ САКАМЕ ДА ВИДИМЕ ДАЛИ ДРЖАВНАТА БОЛНИЦА МОЖЕ ДА ИМ БИДЕ КОНКУРЕНЦИЈА НА ПРИВАТНИТЕ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕРазгледуваме три модели на јавно-приватно партнерство дали може да се применат и да бидат исплатливи, рече министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на пратенички прашања. (Фото: К. Попов)

    Со физибилити студиите за јавно-приватно партнерство треба да се види дали е оправдано во делови од здравствениот систем да се вклучи приватен партнер, за да се скратат трошоците за одржување на објектите и опремата и да се овозможи подобра здравствена услуга за граѓаните. Ова денес го кажа министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на пратенички прашања, кој рече дека физибилити студиите треба да покажат дали одредени здравствени услуги може да се воведат во државните болници и тие да бидат конкурентни на приватните.

    „За стерилизација со тоа што за сите хируршки институции во нашата земја сакаме да обезбедиме нови инструменти, современ начин на стерилизација на вешот, соодветно третирање на медицинскиот отпад и соодветно чистење на операционите сали. Таа инвестиција, според проценката од физибилити студијата, би требало да изнесува околу 15 милиони евра, околу 30 отсто во првата и останатиот дел во втората година. На се ова што го напоменав обврска би била на приватниот партнер, а државата ќе има обврска да ги контролира како ги извршуваат и да го преземе плаќањето“, рече Филипче.

    Според него се што е физибилно треба да биде преземено од приватен партнер во услови на тесен фискален простор.

    „Кога имаме тесен фискален простор, кога процентот на задолженост на нашата земја е над педесет проценти и кога државата допрва треба да инвестира во стратешки капитални обекти, како што се железница, автопатишта, се што е физибилно да биде преземено од приватен партнер“, рече Филипче.

    Тој рече дека во делот на вештачки потпомогнато оплодување сега практично се работи само во приватните болници, по систем на ваучери, бидејќи на Клиниката за гинекологија и акушерство овие постапки се изведуваат минимално.

    „Ин витро одделот на Клиниката за Гинекологија и акушерство остана без експерти со навистина мали резултати во своето работење. Тоа што сакаме да го постигнеме е да привлечеме приватен инвеститор кој би инвестирал во ГАК, според наши критериуми да донесе експерти со соодветно искуство, да се реновира тој дел од болницата согласно европските стандарди и да работат и нашите лекари кои дополнително ќе се едуцираат и ќе го надградуваат своето знаење“, рече Филипче.

    Физибилити студијата за Брзата помош треба да покаже дали може делот кој не е медицински треба да има широка јавна дебата, и дека треба да се разговара и за концептот за јавно-приватно партнерство на секундарна болница, каде приватниот инвеститор ќе инвестира во нова болница, да ја опреми, да ги преземе сите вработени и никој да не остане на улица, а да го менаџира одреден број години од десет до дваесет.

    Филипче рече дека во повеќе наврати зборувале со претставници на европската комисија за тоа како да се подобри здравствениот систем, при што нема одредена патека која треба да се следи, туку да се искористат искуствата од другите земји, при што се обидуваат позитивните практики да ги преземат и од развиените земји, но и од земјите од поранешна Југославија.

    Според него моделот на јавно-приватно партнерство го има и во развиените земји и го посочи примерот со Германија.

    „На средбата со германскиот министер за здравство, ни укажа дека самите згради на болниците не се државна сопственост, туку се во сопственост на фондации или цркви. Осигурителни компании купуваат услуги кои се најдобри за граѓаните, без да се занимава дали треба да се обнови зградата, дали тече кровот или дали треба да се менуваат крововите. Целокупната сума да оди во подобрување на квалитетот на услугите, без оглед на кого припаѓа“, рече Филипче.

    Тој кажа дека има три модели на јавно-приватно партнерство кои ги разгледуваат, односно приватниот партнер да менаџира само со сервисирање на објектите, вториот каде покрај сервисирање на објектите ќе преземе и дел од медицинските или немедицинските услуги, а третиот каде ќе преземе и дел од вработените и ќе вложи во нивна обука.

    „Првиот модел е имплементиран во Турција пред повеќе од десетина години и поддржан од европската банка, и оттогаш напреднал многу турскиот здравствен систем. Тоа значи да не се вложуваат парите во дел од здравствениот систем кој и сега и историски наназад создава долгови и покрај зголемување на државната инвестиција, а не е видливо за граѓаните, а од друга страна сакаме да ја зголемиме и подобриме услугата кон граѓаните“, рече Филипче.

    Е.БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира