1. Емитувањето на серија филмувани прикази на теми позајмени од делата на Чарлс Буковски, во “пристојно” време (по дневникот) на програмата на Телевизија Србија, беше повод пред десетина дена страниците на белградските весници да се полнат со купишта аргументи “за” и “против” елементите на лесна еротика кои задираат во моралот на србијанските гледачи. Загрижените за чистунството на српските души се згрозуваа над атакот врз моралот, кој преку ТВ екраните се врши дури и на најмладите гледачи.
Како одговор на загрижените чувари на духовното достоинство, во уште попристојно време, на почетокот од дневникот, веднаш зад омилените цртани филмови и забавните ЕПП пораки, пристигнаа сликите на ужасот од сараевската улица Васо Мискин. Најголемите мајстори на хорор-филмовите од светот сега можат да му носат вода на режисерот со психијатриско потекло Радован Караџиќ, а продуцентите на остварувањата што ги полнат светските киносали можат да му се фатат на малиот прст на четничкиот “ѓенерал Ратко Младиќ. А Бранко Костиќ, од седиштето на филмската компанија, порачува дека “треба да се најде злосторникот”. Иако, кога се претставуваше како потпретседател на Претседателството на СФРЈ, го потпиша унапредувањето на истиот тој Ратко Младиќ. Велеа тогаш, бил заслужен, се покажал во борбите околу Книн. Таму немаше телевизиска екипа што ќе можеше да ги овековечи неговите заслуги за народ. Што во никој случај не треба да буди сомневање кон неговите квалитети.
За инает на картографите од Европската заедница, за кои имавме илузии дека имале барем малку повеќе памет од Радован Караџиќ, по асфалтот што решиле да го делат на етничка основа течеше измешана крв од трите народи. А граѓаните на Србија, на кои така демократски им се нуди да изберат меѓу Слободан Милошевиќ и Воислав Шешељ, пред преполнетите излози на “Кнез Михајлова” во Белград ѝ се спротивставуваат на неспособната Европа со зборовите: “Србија нема да падне на колена”. Тоа што луѓето на “Васо Мискин” останаа и без колена е ништо во однос на светите цели кои си ги постави големиот Вожд.
Оние во светот барем имаа уште еден повод за осуда на варварството, не криејќи од својата јавност кого сметаат за главен виновник. Со осуди и реакции се јавија многу државници, влади, претставници на политичкиот живот… Ние молчевме. Нам тоа не може да ни се случи. Во Скопје нема улица со име “Васо Мискин”.
2. Затоа пак ние сме преокупирани со решавање на дилемата од витално значење за антиинфлационата програма, која упростено се сведува на прашањето: Дали машините за перење се луксузна стока! Благодарејќи на гостопримството што, нели, само МТВ му го укажува на премиерот Кљусев, завчеравечер имавме “пријатно задоволство” да ја гледаме емисијата “Директно со Владата”. Од полемичниот разговор можевме да претпоставиме дека колегата Љупчо Кирков има “непријатно задоволство” да му биде расипана машината за перење токму во овие тешки моменти за македонската држава, кога народот мора да се одвикнува од старите навики и да се навикнува на “спестливост”. Бидејќи премиерот проблемот со пералните го апсолвирал кога бил во Њујорк, по долго убедување го испрати новинарот да пере во јавни перални. Кога можат њујорчани, зошто да не може и Кирков?
Враќањето во иднината (петти дел), во продукција на МТВ, како остварување на образовната програма, со работен наслов: “Колку ќе ни биде убаво во комунизмот!”, ја погоди поентата во клучната реплика: “Во овие тешки времиња треба да се воздржиме од раскошно однесување со купување фрижидери, перални, гардероби, чевли, телевизори, коли што лежат по улиците недоволно искористени, а некои дури купуваат и перални за садови”.
3. Вечерта во комунизмот, утредента кај Радоман Божовиќ во Белград. По вторпат. Бидејќи ние не патиме од комплекси, многу ни е гајле тоа што цел свет се подготвува да ѝ воведе санкции на Србија. Па, ем им треба соработка со нас, ем условуваат со разговори кај нив. А нашиот премиер ги сфаќа проблемите на неговиот колега кој се подготвува за избори. Што никој во светот не му ги признава за легитимни.
4. Следејќи го советот на премиерот, новинарите да пишуваат за “типични работи од позитивен аспект”, надоврзувајќи се на соопштенијата на Министерството за информации во кои секојдневно ни повторуваа дека потпретседателот на Владата д-р Блаже Ристевски учествува во работата на Меѓународниот конгрес за словенската култура во Москва, еве еден цитат од новинските извештаи од завршувањето на Конгресот.
“… Со акламација е усвоена и Нацрт-резолуција за Југославија, што ја прочита Радмило Мароевиќ, претседател на Српскиот фонд за словенска писменот. Во Резолуцијата се изразува протест против мешањето во внатрешните работи на Југославија, што се претвори во отворена војна против оваа држава од страна на Ватикан и Германија од една и САД од друга страна, како и ЕЗ и КЕБС…”
5. На вечерата во хотелот “Метропол” во Охрид не гостуваше артистот Мето Јовановски. Рускиот министер Козирев сепак утредента го обелодени признавањето на Македонија без на него да се врши притисок со репликата од “Тетовирање”: “Признај…”
Какви методи биле применети, ќе остане дипломатска тајна.