ФОЛК-ФЕСТИВАЛ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:244:"СпоредБадинтероватакомисијатекстотнапонуденатахимна"Тридевојкетиквебрале"имплициратериторијалнипретензииконсоседите

    1. Организаторите на фолк-фестивалите “Валандово” и “Цветници” подгот­вуваат тужба против потпретседателот на Собранието на Македонија Тито Петковски, затоа што како извршен продуцент на нововостановената музичка смотра “Македонска пролет – Химна 92”, играјќи на перфиден начин со патри­отските  чувства на граѓаните, ја доведе во прашање популарноста на нивните фестивали. Предноста на “Македонска пролет” е во тоа што им овозможува на слушателите активно да учествуваат во натпреварот за избор на најдобра химна, бидејќи при нивното емитување можат да вежбаат станување и седнување. Во зависност од тоа колкумина на која музика ќе почувствуваат потреба да станат, ќе се изврши рангирање по квалитет. Уште во старт ќе бидат елиминирани оние химни, за кои поголем број од слушателите ќе почувствуваат потреба да клечат.
    Притоа на секој му е дадена целосна слобода да врши анализа на понудените мелодии, да ги толкува според своите гледања и да си игра асоцијации. За еден од анкетираните читатели на “Вечер”најважно било кога ќе нé признаат, па затоа предлага за химна да се избере народната песна “Со маки сум се родил, со маки и ќе си умрам”. Навистина во битието на народот што ги населува овие простори е вградено чувството за помирување со судбината, што оди дотаму да претставува чист мазохизам, ама, нели, сега се наоѓаме во фаза на преобразба и би било пожелно историскиот момент да го овековечиме со некоја весела песна.
    На пример, “Дојди ми Лено на перниче бело” асоцира на деновите на иску­шение кога Србија сакаше да нé смести во скусената федерација. Оние пак кои сé уште жалат за старата Југославија, се трогнуваат на “Ника, Ника, убава Марика, ми остави само слика”, длабоко свесни дека новата држава се јавува како сукцесор на старата Југославија, а во делбениот биланс ќе наследи “само слика”.
    Најпогодна за младата балканска државичка сепак е химната “Кога љуби мома млада, љубовта е силна жешка”. Текстот ја сугерира подготвеноста за отвораење  на границите, повикот за дијалог и разбирање со соседите, како и добрата волја сите отворени прашања да се решаваат на мирен начин и со дијалог. Ако во оваа химна успее некако да се вкомпонира и “Ќе се грчам, ќе се турчам”, ете ја на дело и нашата ориентација за регионални интеграции.
    Во последен момент од конкуренција излезе “Три девојке тикве брале”. Иако предлагачот го бранеше предлогот со порака за добрососедство, на предлог на Грција Бадинтеровата комисија ја ислуша песната и заклучи дека химната не е во согласност со Уставот на Република Македонија. Трите девојки имплицираат територијални претензии кон соседите, бидејќи асоцираат на трите дела на Македонија. Како ревносен соработник  на Конференцијата за Југославија, нашето раководство се откажа од “трите девојки” и на граѓаните им предложи за химна да си ја изберат “Сардисале лешочкиот манастир”.

    2. Со тоа пак се вративме на традицијата да си пееме тажни песни. А за организаторот на фестивалот, продуцентот Тито Петковски, се предвидува апсење по итна постапка. Затоа што го распејува народот во време кога Блаже Ристевски прогласи вонредна состојба. И дозволува, слушајќи ги песните, новинарите да си прават “злободневни и прилично слободни коментари што можат да се слушнат во нашата јавност”. Наместо да му се воодушевуваат што тој, како единствен претставник од Македонија, на Конгресот за словенската култура во Москва се чувствувал како Димитрие Чуповски во 1912-13 година, кога се борел против српските емисари.
    Во вонредна состојба се забранети слободни коментари. Дозволено е само слободно замајување на јавноста со најави за признавање на Македонија како проверен трик за ефтини политички поени. Реинкарнираниот Димитрие Чуповски нé извести дека “Естонците нé признале, ама кога дознале дека Русите нé признале, тие рекоа дека ќе нé признаат”!? А украинскиот министер за надворешни работи требаше да се врати од пат и да ја потпише нотата за признавање уште пред 12 мај. А и Молдавците му ветиле по телефон на Чуповски дека ќе ја прателе нотата во Скопје… И оди после, немој да ги објавуваш овие работи. Па нив ги кажува потпретседател на Владата. А неговиот збор има тежина.

    3. Голема тежина имаат и зборовите на пратениците во Собранието. Особено тогаш кога зборуваат за пазарна економија. И кога дискутираат за Законот за трансформација на општестениот капитал. Најмногу се цени зборот на социјалис­тичките директори-акционери. Како оној на Ѕинго што воведувањето на законот за приватизација го гледа како воведување на неред и анархија. Не се вклопува во неговите погледи на редот. Уште со интерните акции не го откупил целиот “Силекс”.
    Она што радува е сознанието дека нашите директори сепак не се толку радикални како премиерот, кој веднаш ни нуди комунизам. Тие си го сакаат социјализмот. Најдобар ред е ако во областа на сопственоста има најголем неред. Освен тоа, толку се насекираа за работничката класа, ако можеа да ги чујат Маркс и Ленин, ќе станеа од гробовите и ќе им се придружеа во дискусијата. Тоа што со  интерните акции на работниците ќе бидеме феномен, единствена земја каде што штрајкуваат акционери, ќе биде само уште една потврда на нашите демократски принципи.
    За на предлагачот да му помине овој закон пред ваков состав на Парла­ментот, најдобро е да предложи амандман што ќе гласи: “Овој закон никогаш нема да се применува”.

    4. Непријателите на “Вечер” и оние што сакаат да нé укинат не мораат којзнае колку да се трудат. Од вчера се продаваме по цена од 200 денари.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира