1. Пуританското идеолошко убедување дека со секое пречекорување на портите на Собранието на Македонија се остварува историската мисија на неокомунистичките пратеници, за кои токму сега е вистинскиот момент да се достигне светлата идеја: “Еден за сите – сите за никаде”, наиде на невидено воодушевување и безрезервно прифаќање кај повеќе од 180 илјади пензионери, кои пред ТВ екраните не можеа да ја сокријат возбудата, трогнати од љубовта со која нивните народни платеници ги опсипаа на последната седница. Во одреден момент од ТВ преносот, некои од нив дури размислуваа да тркнат до собраниската зграда, да им ги соберат шамивчињата, уште незасушени од солзите кои пратениците пред извесно време ги лееја за земјоделците и со последниот денар од незамрзнатата пензија да им се понудат да им ги исперат и испеглани да им ги подготват за следното парламентарно заседание.
Посебно им се допадна идејата на неодминливиот Митко Анастасовски за класификација на граѓаните, со приоритет за замрзнување. Тој не се согласи Владата да ги стави пензионерите во најдлабокиот фрижидер. Иако, во суштина, идејата се чини општоприфатлива. Сите во фрижидер, со хибернација, ќе чекаме подобри времиња. Тој имаше и друга идеја. Тие со најмали пензии да добијат зголемување од 80 до 100 од сто, а тие со најголеми – 1 до 2 од сто.
Навикнати вакви генијални мисли да слушаме од видовитиот Митко, не успеавме ни да се изненадиме од дискусијата на неговиот партиски колега Александар Спироски, кој рече дека пензионерите се една категорија – непродуктивни граѓани, и сите, од курир до директор, треба да имаат исти примања. Враќајќи ја така на голема врата во македонскиот политички живот идеологијата на Комунистичкиот манифест, дефинирана: “Секој според можностите, секому според потребите”, си земам за право да побарам плата, барем колкава што имаат пратениците. Особено што и тие во народот важат за категорија непродуктивни граѓани. Кога може така да размислува еден дипломиран правник, зошто тоа да не му е дозволено на дипломиран новинар?
Каде ли ќе им беше крајот на пензионерите, доколку в.д. директорот на Фондот за пензиско осигурување Киро Зрмановски го земеше за сериозен пратеникот Цветан Јовчевски кој, како што рече, “неколку пати оргирал да се смени начинот на исплаќање на пензиите”. Тоа што наместо “ургира” постојано го употребуваше зборот “оргира”, целосно се совпаѓа со неговата потпаленост за ефикасно решавање на проблемот. И така е целиот зацрвенет во образите.
2. Со изборните ветувања од типот: “Еднакви пензии за сите пензионери!” во белградската работничка населба Раковица своевремено триумфираше српскиот пратеник Воислав Шешељ.
Хитлер ги освои срцата на Германците ветувајќи им социјална еднаквост.
3. Останува сосема нејасно како за судењето на седуммината во Велес, за кои во ВМРО-ДПМНЕ се зборува како за најголеми Македонци, толку се заинтересира Бугарија. Работите опасно смрдат, штом и бугарското Министерство за надворешни работи официјално бара од нашето министерство подетаљни информации за, како што велат тие, “седуммината обвинети за тероризам”.
Во бугарските средства за информирање се тврдело дека “тие се репресирани поради нивните бугарофилски национални убедувања и дека во одделни средини во Република Македонија започнува кампањата на заплашување и спречување на симпатии кон Бугарија и бугарскиот народ”.
Судењето, демек, создавало “сериозна загриженост и неспокојство во бугарската јавност”, особено (внимавај добро!) “во овој момент кога Бугарија ја призна и се ангажира со целосна поддршка на независноста на Република Македонија”.
Еден од седумте “бугарофили” се огради од ова “братско” душегрижништво.
Повик за ослободување на “репресираните бугарофили” до “мајка Б’лгарија” уште не е испратен. Министерството за надворешни работи на Бугарија ги бара “здравите сили”.
4. Ние пак, во овој момент кога Бугарија “се ангажира со целосна поддршка на нашата независност”, се убивме тешејќи си се дека и не е толку лошо што не сме признати. Некако зачестија написите по весниците за турската република Северен Кипар. Како и тие имаат свои пасоши со кои патуваат насекаде, иако не се признати, па имале просечна плата од 800 марки, па тргувале со Велика Британија… Дури и ќерката на лидерот на кипарските Турци Рауф Денкташ ни дојде да ни пее на фестивалот “Избираме млади таленти” со звучно име “Интерфест” во Битола. Од Министерството за информации сé уште не сме добиле соопштение кој од раководителите на државата ја примил.
Сепак, не е многу прифатливо врзувањето само со една земја. Зошто заборавивме на Аруба, Бермуда, Кајман, Гвадалупа, Гуан, Тувалу, Западна Сахара, Западна Самоа и Тајван? И тие не се членки на Обединетите нации.