Угледниот грчки кинематографер со француска адреса Јоргос Арванитис е вториот добитник на наградата за животно дело Златна камера 300 на годинашниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, придружувајќи му се на својот американски колега Ед Лакман, чие име претходно беше соопштено.
Седумдесет и осумгодишниот Арванитис зад себе има кариера долга повеќе од пет децении, која брои над 140 филмови, а особено е прославена неговата соработка со еден од најпознатите грчки режисери Теодорос Ангелопулос. Почнувајќи од 1970 година, тие заедно работеа на десет филмови, од кои последниот, „Вечноста и еден ден“, беше награден со Златна палма во Кан во 1998 година.
„Арванитис е француско-грчки кинематографер и филмски уметник кој работел со големи имиња од грчкиот и од европскиот филм, но и со оние кои штотуку доаѓаат. Кога телефонски му соопштивме дека е лауреат, тој остана без зборови и имаше долга пауза во слушалката“, изјави директорката на фестивалот Гена Теодосиевска.
Таа додаде дека една награда ќе биде доделена на отворањето, а другата на затворањето на фестивалот, за да се увеличи неговото 40. издание, што ќе се одржи од 14 до 21 септември.
Г. КОНЕВ