И ПО 18 ГОДИНИ ОСТАНУВА НЕПОЗНАТО КОЈ ГИ КИДНАПИРАЛ 12-ТЕМИНА МАКЕДОНЦИ ОД ТЕТОВСКО ЗА ВРЕМЕ НА КОНФЛИКТОТ ВО 2001

    И ПО 18 ГОДИНИ ОСТАНУВА НЕПОЗНАТО КОЈ ГИ КИДНАПИРАЛ 12-ТЕМИНА МАКЕДОНЦИ ОД ТЕТОВСКО ЗА ВРЕМЕ НА КОНФЛИКТОТ ВО 2001Спомен-обележјето во Непроштено е потсетник на едно од најтешките злосторства направени врз цивилното население во 2001 (Фото: СДК.МК)

    Роднини, пријатели и претставници на политички партии и здруженија положија свежо цвеќе пред спомен-обележјето во тетовското село Непроштено, одбележувајќи го 23 јули 2001, кога беа киднапирани тројца жители на селото, Крсто Гоговски и Цветко и Васко Михајловски, а Стојан Михајловски беше свирепо убиен.

    Тие се само дел од 12-темина киднапирани Македонци од Тетовско чија судбина и натаму не е расчистена, а по телата на осуммнина уште се трага. Меѓу жителите на ова мирно село и понатаму е присутна големата горчина поради овој настан, најмногу затоа што извршителите и нарачателите не се изнесени пред лицето на правдата.

    „Изминаа точно 18 години како не се расчистени не само случајот со 12-темина киднапирани Македонци, туку и повеќе други злосторства направени врз цивилното население во 2001 година. Нели е тоа срамота за една држава? Ако некој се крие позади законот за амнестија, тогаш греши. Меѓународното право кажува дека воените злосторства врз цивилното население не застаруваат. Изминативе години ние ги баравме извршителите, но сега треба да се дојде до наредбодавателите, кои преку трансформираната ОНА сега се во институциите на државата. Во гробницата во село Требош се пронајдени остатоци од четворица од киднапираните, меѓу кои и на мојот татко и на Васко Михајловски. Тие се погребани, додека остатоците од другите две тела не се. По останатите осум тела, наводно, сѐ уште се трага, ако воопшто некој во државата го прави тоа“, изјави Војо Гоговски, син на киднапираниот и убиен Крсто Гоговски.

    За што поскоро расчистување на злосторствата апелираат и од здруженијата на бранителите.

    „Треба да се упати уште еден апел до властите, бидејќи тие како да не сакаат да го решат овој проблем. Се надеваме дека нивните сознанија за судбината на киднапираните се пошироки од сознанијата што ги имаат семејствата и затоа апелираме да се смогнат сили, пред сѐ меѓупартиски, и да се обелоденат сите сознанија. Информациите не можат вечно да се кријат“, вели Марин Најдов од бранителските здруженија.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира