Од денеска во скопската населба Капиштец отворено е новото основно училиште „Киро Глигоров“. Ова е прво училиште изградено во Општина Центар после 50 години, со модерен дизајн и архитектура според највисоки стандарди и чини 5,5 милиони евра.
„Оваа власт за разлика од претходната на ВМРО-ДПМНЕ, парите на граѓаните ги вложува во проекти кои навистина им се потребни. Како за споредба, Триумфалната порта која е бетон и стиропор, притоа за ништо не служи, чинеше 6,5 милиони евра. Ние за ова училиште кое е најсовремено во регионот, потрошивме еден милион евра помалку. Oва училиште го решава повеќедеценискиот проблем на жителите од Капиштец, кои повеќе нема да треба да ги носат своите деца во училишта во другите населби“, рече градоначалникот Богдановиќ на денешниот брифинг.
Училиштето е дело на архитект Бесиан Мехмети со архитект Стефан Атанасоски, архитект Никола Кунгуловски и архитект Арменд Хебипи.
Училишната зграда се протега на површина од 12.100 квадратни метри и дворна површина од 4.100 квадратни метри. Се состои од приземје, 2 ката и подземен паркинг со капацитет од 104 возила. Има 21 училница со акустика на простор, 7 специјализирани кабинети за предметна настава, спортска сала и сала за гимнастика, ботаничка градина, трпезарија со кујна, наставнички кабинет и канцеларии за персонал. Сите училници и кабинети покрај со стандардни школски табли опремени се и со смарт-табли со повеќе функционалности на допир, во кои е вграден софтвер кој овозможува интерактивно искуство во учењето, а на наставниците им нуди широк спектар на алатки за поддршка во секојдневната настава.
Фасадата на училиштето е структурална, стаклена и самовентилирачка, а со тоа и енергетски ефикасна што значително ќе ја намали потрошувачката на топлинска енергија во зимскиот период и ќе придонесе кон намалување на загадувањето на воздухот.
„Посебно сум горд на фактот што е инклузивно училиште, во чиј состав ќе функционира и посебен Дневен центар за деца со церебрална парализа. За таа намена, изградивме и комплетно уредивме простор според нивните потреби, но и целиот училиштен објект го адаптиравме на потребите на овие деца“, додаде Богдановиќ.
Во дворот на училиштето се наоѓаат спортски терени за фудбал и одбојка, урбана опрема односно клупи и високо-стоечки лампи за ноќно читање, 26 паркинг-места и простор за партерно и хортикултурно уредување, а целата дворна површина, вклучувајќи ги и игралиштата се осветлени со лед-енергетско ефикасно осветлување.
А. АНТЕВСКА