АМАН (ТhЕ)МАН

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:82:"Барамепредвремениизборизадаимамебензин

    1. Со длабока почит и искрена благодарност кон народните ни избраници, кои, ете, смогнаа сили, во овие тешки денови за преживување, да внесат дух на колективна разонода во нашите домови, сепак се надевам дека нема да ми го земат за злонамерно моето мешање во нивното солење памет. Ете, на пример, однапред му се извинувам на господинот Мухамед Халили, кој порача “додека е тој во Собранието, никој да не зборува за Франција”, затоа што можеби ќе му се вмешам во секторот, ако излезе дека елаборацијата на моето откритие, до кое дојдов по систематското следење на последната седница на Парламентот, има врска со францускиот јазик.
    По долго и макотрпно дремење пред телевизорот дојдов до коренот на зборот “амандман”. Омилениот збор на нашите учени претставници има турско-англиско потекло и е директен производ на блискоста и сродноста на нашите потврдени пријатели Турците и на пријателите што допрва тоа ќе треба да го докажат, кога ќе им поминат изборите – Американците. “Амандман” се состои од два збора: турскиот – АМАН (значење општопознато) и англискиот МАН, ама членуван со нивното ТХЕ (што се чита – Д).
    Е сега, бидејќи во службената употреба на територијата на Република Маке­донија е македонскиот јазик со кирилско писмо, турско-англискиот збор, во македонска транскрипција си ја добива формата “АМАН-Д-МАН”. Што, ако се преведе буквално, би значело: “Аман од човеков!”.
    Во македонскиот случај се знае и конкретно на кој човек се однесува.

    2. Што се однесува до употребата на македонскиот јазик во собраниската сала, според одредбите на деловникот и претседателот Стојан Андов зборуваше на странски јазик. Навистина, не си обезбеди официјален преведувач, ама при гласањето за Законот за државјанство  на еуфоричните пратеници им порачуваше “Изи, изи…”. Или, според владиниот амандман на Законот за лична карта, во заграда “EASY, EASY …”
    Толку тежок грев на претседателот е навистина тешко да се оправда. Не верувам дека тоа би му успеало и на обожавателот на ликот и делото на Андов, господинот Стоиле Стојков, кој на последната седница се отепа да го одбрани саканиот претседател од нападите на парламентарците од ПДП и НДП.
    Добро е што Андов не прозбори на француски, инаку Мухамед Халили веднаш ќе го обвинеше дека му ги ограничува неговите граѓански права, само тој да знае француски. Затоа пак Кирил Ковачевски беше гневен. Господинот Андов може да си зборува англиски за по дома. А што се однесува до него, ако веќе претсе­дателот сака да се прави Англичанец, дозволено му е на работа да доаѓа со полуцилиндер и чадор. Исто како што господинот Ковачевски им дозволува на Албанците да си носат кечиња и шарени чорапи.
    Настрана што Андов со “изи, изи…” можеше да предизвика катастрофа. Трајан Мицевски ни го посочи примерот на Англија, како таму Ирците се борат за своите права: “Ете, во Лондон секој ден пукаат бомби”. Можеше некој, не дај боже, да помисли дека се наоѓа во британскиот парламент и да подметне бомба. Атмосферата и онака беше експлозивна.

    3. Да не се најдовме во ситуација да правиме држава, ќе имавме илузии дека Грција е којзнае колку понапред од Србија. Ова вреди да се препише:
    “Грчкиот претседател Константин Караманлис, роден во грчкиот дел на Македонија, вчера на Булеварот Александар Велики во Солун – каде што допатува со истоимениот авион што слета на аеродромот “Македонија” – беше главен посматрач на парадата по повод 80-годишницата на военото припојување на Солун кон Грција и 52-годишнината од приклучувањето на Грција во Втората светска војна.
    Во дефилето – на чие чело беа воените инвалиди и ветерани во црни уни­форми со големи златни крстови на капите – учествуваа и деца, марширајќи со високо подигнати раце под знамето со “ѕвездата од Вергина”, – сега најактуелен археолошки наод, симбол на династијата на античките македонски кралеви.
    Во Солунскиот Залив беа усидрени грчки воени бродови, на чело со неодамна увезената од Германија фрегата “Македонија”.  Посебен ешалон под знамето на “Семакедонската унија” беа претставниците на грчки иселеници од Северна Аме­рика…”
    Веста од Атина на 28 октомври ја емитуваше југословенската агенција Танјуг.

    4. Во Србија се подготвуваат предвремени парламентарни и претседателски извори. И одеднаш, “Југопетрол” и “Беопетрол” ги изнајмија своите пумпи на приватници. Бензин колку сакаш, а и цената му паѓа.
    Сега и јас ќе барам кај нас предвремени избори. По угледот на српското раководство, можеби и на нашето, за да добие на изборите, ќе му текне пумпите на “Макпетрол” што фатија пајажина да ги изнајми на приватници. Барем додека трае кампањата, да имаме бензин.

    5. Најнов виц од продукцијата на Собранието на Република Македонија:
    – Зошто претседателот Андов толку често дава паузи во парламентарните заседанија?
    – Има акции во бифето.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира