Можноста граѓаните со доплата да изберат лекар-специјалист кој ќе ги лекува, или ќе го води хируршкиот тим за операции, надвор од работното време, во попладневните часови, а да им важи осигурувањето од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), не се применува, иако тоа е предвидено со измените на Законот за здравствена заштита, кои во јули оваа година ги усвои Собранието.
Со овие законски измени, за избор на лекар пациентите ќе треба да платат само за ангажманот на лекарот или тимот, по ценовник што ќе го утврди секоја здравствена установа, а ќе го одобри Министерството за здравство. Клиниките и болниците сѐ уште работат на овие ценовници со кои ќе им се овозможи на лекарите-специјалисти да вршат дополнителна дејност во јавната здравствена установа во која работат.
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека Министерството ги известило сите јавни здравствени установи да изготват ценовници за дополнителна дејност и откако ќе ги добијат ќе ги одобрат.
„Ова можност важи за сите болници и клиники. Во овој ценовник треба да влезе сумата што е за лекарот и за тимот – медицинска сестра, административен работник…, а дел од тоа што ќе го платат граѓаните останува и за клиниката. Засега имаме само едно барање за одобрување ценовник од Клиниката за гинекологија и акушерство“, вели Филипче.
Дополнителната дејност лекарите-специјалисти ќе може да ја извршуваат во попладневните часови и кога не се на редовни дежурства, по завршување на редовните работни обврски.
Е. БОЧВАРОСКА