1. Претседателот Ѓорге Иванов, по повод 70 години АСНОМ, ги прими борците од НОБ во Клубот на пратеници.
Во нормални држави кои не се срамат од своето минато и ги чествуваат живите ветерани на секој празник на државноста, претседателот е тој што оди да ги посети. Така прават Оланд, Обама, а богами и Путин. Така е и ред. Борците се постари од нив, изнемоштени се, а башка и заслужиле да бидат испочитувани. Особено кај нас, оти ја создале државата во која нему му се паднало да биде претседател.
Додуша нашиот претседател, можеби, има оправдување зошто не ги посети борците. Нема каде. На нашите ветерани им ги зедоа просториите.
2. Колку е суров животот. На телевизија оди турска серија кога одеднаш – брејкингњуз. На кајрон се појавува следниов текст: “Потврдено – стршленот на Водно е азиски, лекарите предупредуваат на претпазливост”. Мореее. Од памет да те извадат. Да не е раат човек. Биваше ли сега, баш кога се радувавме на податокот дека скокнало индустриското производство и ослободени од грижи го чекавме прославувањето на Илинден, да се соочиме со ваков предизвик. Башка и Скопје втор пат го фати посилен дожд и ветер ова лето и го поплави.
Кога ни кажаа дека некаков чуден стршлен се појавил во Кавадарци, не обрнавме внимание на опасноста оти бевме преокупирани дали припадниците на фалангата достојно ги испратиле припадниците на комитите на пат за Крушево. Потоа, кога стршленот се појави во скопската населба Козле, ситуацијата почна да мириса на опасна, оти, ете, и метрополата е загрозена. Ама сe уште бевме збунети дали реконструкцијата на хидроцентралата Вруток е историски настан кој заслужува поголема минутажа во вестите отколку дилемата дали починатите во Кочани смеат да бидат погребувани 40 сантиметри или традиционално на метар и половина под земја.
Арно ама кога стршленот се појави на Водно, се вклучи алармот. Институциите на системот се загрозени. Па на местото на настанот се појави новинарка која темелно го испита пчеларот како вооружен само со даска го совладал чудовишниот инсект и таа, спроведувајќи техники на истражувачко новинарство, го зеде стручно умртвениот, но не згмечен примерок во тегла и пред камерите го однесе на експертиза.
Во следните вести на телевизијата позната дека прва дознава вакви чудовишни вести, веќе гледавме изјава на некој ветеринар што ги потврди сомневањата на новинарката. Тој рече дека “според морфолошките карактеристики, надворешниот изглед, застапеноста на боја, големина… се констатира дека постои основано сомнение дека примерокот донесен на анализа ги поседува карактеристиките на азиски вид стршлен”.
Готово е. Веќе нема да нe интересира ни што рекол Нимиц за името, ни колкав е јавниот долг на државата, ни што напишал ММФ за задолжувањата, ни за ДДВ, ни за хонорарците, ни за ребалансот на буџетот, ни за протестите на просветарите, ни за “Монструм”, ни за бојкотот на СДСМ, ни за инаетењето на ДУИ со претседателот, ни за истрагата за хеликоптерската несреќа, ни за уставните измени и амандманите на Владата, па дури ни за тоа дека Аргентина банкротирала, оти, како нас, се задолжувала кај приватни инвестициски фондови. Кога е таков стршлен во прашање, тогаш сме сите ранливи. Кој е луд кога има непосредна опасност да размислува за некакви си со Устав дозволени меѓународни финансиски зони или со Устав недозволени брачни и вонбрачни заедници. Особено ако индициите се дека постои основано сомнение дека примерокот е азиски стршлен и дека ако не реагираат институциите на системот, главниот град ќе претрпи последици што дури ни градоначалникот Коце Трајановски не може да ги согледа.
Фала Богу што покрај истражувачкото во Македонија има и аналитичко новинарство. Па веќе на следните вести лекарка од Клиниката за дерматологија детално ги обучи гледачите како да се заштитат од убод на стршлен. Или ако не дај Боже бидат пресретнати и станат жртви на убод, како да ја санираат повредата. Само и тоа е џабе. Народот ќе живее во страв и со вознемир ќе ги гледа омилените серии сe додека на кајронот не се појави нов брејкингњуз со кој ќе му се соопшти: “Осомничениот примерок призна”.
3. Секоја влада си има свои предизвици. И осомничени примероци. Во времето на СДСМ имаше една пцовисана кокошка од Могила што три недели ја транспортираа на обдукција во Лондон за да утврдат дали имала птичји грип. Овие од ВМРО го пратија стршленот на генетска анализа во странска лабораторија. Веројатно, некоја референтна. Така рекоа на вести. Сега ќе чекаме резултатите да ни ги соопшти на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров. Може не е негов ресор, ама тој најдобро знае да соопштува.
А листеријата како? И таа, сака-нејќе, сама ќе се предаде. Откако открија дека ја нема во месото и во млекото, ќе ја бараат и под дрво и под камен. Сe ќе признае.
4. Откако Хрватите казнија некој нашинец оти на плажа во Истра тепал фока која била заштитена со закон, си помислив дека е некој многу јак и храбар. Такви сме ние. Со мадиња како на Букефал. Арно ама кога го одгледав видеото, видов дека тој само сакал да ја погали. Нашинецот бил од Крива Паланка. И тие, Хрватите, драма од ништо направија. Ај што го казниле за фоката, туку и го протерале од Хрватска. Оти немал регулиран престој.
Наравоучение за тие што бегаат во странство од оваа златна Македонија. Ако немаш регулиран престој, не ги гали фоките.
5. Новата барокна влада ќе добие и нова барокна ограда, најверојатно, од ковано железо. За проектот ќе се платат 10.000 евра, а колку ќе чини изведбата сe уште не се знае. Ама кој во оваа држава веќе ги брои милионите.
Директорот на владината Служба за општи и заеднички работи Васе Доневски за “Утрински весник” изјавил дека нема ништо чудно во намерата Владата да се огради. “Ниту се штитиме, ниту криеме од некого. Нели, секоја куќа има ограда, секој двор, плац е ограден, па, така нормално е и околу овој објект да се постави ограда”, изјавил Доневски.
Навистина, скоро секоја куќа и скоро секој плац се оградени. Ама тие се приватна сопственост. А чија сопственост е Владата? И со чии пари се оградува?