ВО ПОГРАНИЧНИОТ РЕГИОН СО ГРЦИЈА ОД БИО-ОТПАДОТ ЌЕ СЕ ПРОИЗВЕДУВА КОМПОСТ

    ВО ПОГРАНИЧНИОТ РЕГИОН СО ГРЦИЈА ОД БИО-ОТПАДОТ ЌЕ СЕ ПРОИЗВЕДУВА КОМПОСТСо овој проект ќе се селектираат органски зелен отпад од земјоделството, отпад од сточарството и храна од хотели, ресторани, домаќинства и индустрија (Фото: СДК.МК)

    Органскиот, односно био-отпад веќе нема да се меша со другото ѓубре во Битола и Новаци, туку ќе се селектира во посебни канти, а потоа ќе се рециклира, со што ќе се добива органско ѓубриво – компост. Со ова, како што вели директорот на Јавното претпријатие од Битола, Панде Богоевски, био-отпадот веќе нема да биде отпад, туку ресурс. Ќе се селектираат органски зелен отпад од земјоделството, како остатоци од косење, режење и слично, отпад од сточарството и храна од хотели, ресторани, домаќинства и индустрија.

    „Ќе потпишеме договори со десет фирми кои произведуваат органски отпад. Бесплатно ќе им дадеме контејнери. Канти ќе ги поделиме бесплатно на домаќинствата, со цел и тие да почнат со селектирање. Органскиот отпад потоа ќе се преработува во компостерот преку затворен систем, што се применува првпат во земјава и во брза постапка од 14 до 28 дена, наместо отпад на депонија, ќе добиеме висококвалитетно органско ѓубриво-компост, што ќе го користиме во нашиот расадник“, рече Богоевски.

    За селектирање и преработка на органскиот отпад веќе се набавени контејнери и канти со кафеава боја, што според меѓународните стандарди означува дека се сертифицирани за таа намена. Набавен се и камион за собирање на отпадот и машина компостер.

    Оваа опрема чини околу 250.000 евра, а вкупната вредност на проектот изнесува околу 850.000 евра. Финансиран е од Интерег програмата на ЕУ за погранична соработка со Грција и од националните фондови на земјите учеснички. Од Македонија учествуваат ЈП „Комуналец-Битола“, ЈП „Комунална хигиена“ од Општина Новаци и „Движење за околината-Молика“ од Битола. Проектот се спроведува од мај 2018 до мај 2020 година.

    „Целта е да се поврземе со нашите партнери од Грција за да можат сите фирми од овој пограничен регион кои имаат вишок био-отпад да го изложат на продажба, а оние кои имаат потреба од таков вид да го купат. Ќе се развиваат симбиотска мрежа и еден вид циркуларна трговија, па затоа и проектот го носи името ‘Симбиоза‘“, рече Богоевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира