12-годишно момче се бори за живот во Ургентниот центар во Скопје откако вчера било пронајдено во бессознание со сериозни повреди на главата на регионалниот пат Охрид-Ресен.
Не се знае дали паднало на патот, било нападнато или удрено со автомобил. Момчето со возило на Брза Помош било пренесено во битолската Клиничка болница, но од таму поради сериозните повреди на главата пренесено е во Скопје.
Од охридската полиција велат дека момчето било пронајдено вчера околу 15.45 часот на регионалниот пат. Од полицијата за САКАМДАКАЖАМ.МК соопштија дека засега настанот се води како несреќен случај, односно се испитува дали момчето, се движело по патот, па паднало. Но, отворени се и дриги опции.
„Чекаме информации за неговата здравствена состојба, доколку таа се подобри, ќе се разговара со него за да се испита што се случило. Не можеме да кажиме од каде е момчето зашто во него немаше документи, се работи за малолетник“, велат од охридската полиција.
Од битолската болница изјавија дека момчето вчера било примено кај нив, биле направени сите потребни прегледи и се заклучило дека се работи за неврохируршки случај, односно имало сериозни повреди на главата. Во болницата било констатирано дека не можат да го лекуваат во Битола, па било пренесено на Ургентниот центар во Скопје. Тоа е се уште во животно загрожувачка состојба. (Ж.З.)