Тринаесет дефектолози ќе работат со децата со посебни потреби во основните училишта во Карпош. Општина Карпош во соработка со УНДП и Агенцијата за вработување денеска потпишаа Меморандум за реализација на проектот „Карпош за еднаквите во училиштата“, преку кој ќе бидат ангажирани стручни дефектолози кои ќе бидат распределени во осум училишта.
Дефектолозите ќе бидат ангажирани во основните училишта „Братство“, „Владо Тасевски“,„ Димо Хаџи Димов“, „Аврам Писевски“, „Јан Амос Коменски“, „Петар Поп Арсов“, „Лазо Трповски“ и „Вера Циривири –Трена“.
Дефектолози ќе бидат ангажирани од октомври до мај, ќе примаат месечен надоместок од 6.200 денари, додека Општината со свои финансиски средства ќе ги покрива трошоците за превозот.
„Со потпишувањето на Меморандум за соработка, ќе се вработат стручни дефектолози, кои ќе работат на поголема образовна инклузија на децата со посебни потреби. Во училиштата во Карпош учат преку 70 основци со посебни потреби. Претходната Влада, ангажираше 4 стручни лица, број за кој сметам дека е несоодветен за потребите на училиштата“, изјавил градоначалникот Стевче Јакимовски.