130 ЗЕМЈОДЕЛЦИ ОД ПРЕСПА ДОБИЈА СЕРТИФИКАТИ ЗА ЗАВРШЕНИ ОБУКИ ЗА ОДРЖЛИВО ЗЕМЈОДЕЛСТВО КОЕ ЌЕ ГО ШТИТИ ЕКОСИСТЕМОТ НА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО

    130 ЗЕМЈОДЕЛЦИ ОД ПРЕСПА ДОБИЈА СЕРТИФИКАТИ ЗА ЗАВРШЕНИ ОБУКИ ЗА ОДРЖЛИВО ЗЕМЈОДЕЛСТВО КОЕ ЌЕ ГО ШТИТИ ЕКОСИСТЕМОТ НА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРООбуките за одржливо земјоделство се прв чекор од активностите со кои ЕУ и УНДП ги поддржуваат земјоделците од Преспа. (Фото: СДК.МК)

    На 130 земјоделци од Преспа денеска им беа доделени сертификати за успешно завршување на едномесечните обуки за одржливо земјоделство. Во рамките на обуките зa заштита на култури, почва, вода, диверзификација, интегрирано и органско земјоделство, учесниците се стекнаа со практични знаења и вештини за унапредување на земјоделската пракса на начин кој го штити екосистемот.

    Обуките се спроведоа во рамки на проектот „ЕУ за Преспа – обнова на природните ресурси за зајакнување на одржливото земјоделие и туризам“, финансиран од Европската Унија, кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) во партнерство со Општина Ресен, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за животна средина и просторно планирање.

    „Оваа голема активност за одржливо земјоделство покажува дека Преспа има професионални јаболкопроизведители кои се заинтересирани и да слушнат и да применат нови технологии. Оваа голема група на преспански земјоделци може да се каже дека е авангардата на одржливото македонско земјоделство“, изјави градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски.

    Обуките за одржливо земјоделство се прв чекор од активностите со кои ЕУ и УНДП ги поддржуваат земјоделците од Преспа.

    Дел од земјоделците ќе добијат и финансиски грантови во износ до 10.000 евра за примена на мерки на одржливо земјоделство, како и менторска поддршка за нивна имплементација во наредната година. (Фото: СДК.МК)

    „Обуките за добрите земјоделски пракси спроведени во текот на минатиот месец се само почетокот на помошта за фармерите од Преспа која ја обезбедуваат Европската Унија и Програмата за развој на обединетите нации. Дел од нив ќе добијат и финансиски грантови во износ до 10.000 евра за примена на мерки на одржливо земјоделство, како и менторска поддршка за нивна имплементација во наредната година“, изјави д-р Маријана Милевска, проектна менаџерка од УНДП.

    Учесниците на обуките се стекнаа со повеќе практични знаења и вештини за унапредување на земјоделската пракса на начин кој го штити екосистемот. Земјоделците од Преспа, со кои разговараше репортерската екипа на САКАМДАКАЖАМ.МК при посетата на една од обуките, рекоа дека со ваква помош полесно ќе можат да ги применуваат новите технологии, без кои не можат да имаат квалитетно производство на јаболка. Според нив, обуки многу се потребни бидејќи земјоделците треба да бидат свесни и за заштита на животната средина.

    Преспанскиот Регион, познат по своето природно богатство и земјоделска активност, се соочува со сериозни предизвици. Земјоделството, како главна економска активност, создава притисок врз екосистемот на Преспанското Езеро преку прекумерно користење на вода за наводнување, излевање на хранливи материи и пестициди во езерото. Целта на обуките за одржливо земјоделство и зголемената примена на овие мерки е да се ублажи негативниот притисок врз Преспанското Езеро и да се обезбеди долгорочен економски развој во регионот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКA

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира