Пациентите со механичка потпора на срце не ја добија ветената помош од државата за ослободување од партиципација за здравствените услуги. Ветувањето од пред 2 години, кое требаше да се исполни со почетокот на годинава, и понатака е неизвесно.
Од Здружението „Храбро срце“ велат дека трошоците за лекување се големи и бараат итно решавање на нивниот проблем.
„Не е голем трошок за буџетот на државата, односно не е ниту забележителен, бидејќи нашите прегледи не се толку чести. Во суштина, поголемиот дел од средствата ги имаат предвидено и ветено ни беше дека од 1 јануари ќе отпочнат да го применуваат тоа“, вели Васко Јолески, претседател на Здружението на пациенти со механичка потпора на срцето и нивните поддржувачи „Храбро срце“.
Јолески додава дека се работи за околу 15 пациенти за кои трошоците за лекување се превисоки, па поголемиот дел од нив поради болеста се спречени редовно да одат на работа.
„Трошоците се преголеми дури и за оние кои се добро ситуирани, а во нашето здружение ниту еден не е така добро ситуиран да може да ги поднесе тие трошоци. Не сме многу пациенти, на ниво на држава сме 15-16 пациенти“, додава Јолески.
Од Министерството за здравство велат дека се запознаени со иницијативата за ослободување од партиципација на пациентите со механичка потпора на срце и се очекува истата да влезе во програмата, но засега не се знае кога ќе се случи тоа.
С. ВРЕНЦОВСКА