51-ГОДИШЕН МАЖ ИСЧЕЗНА ВО ПОРОЈНИЦА ВО ВЕЛЕШКО, ПОПЛАВЕНА НАСЕЛБАТА ПРЕВАЛЕЦ

    51-ГОДИШЕН МАЖ ИСЧЕЗНА ВО ПОРОЈНИЦА ВО ВЕЛЕШКО, ПОПЛАВЕНА НАСЕЛБАТА ПРЕВАЛЕЦНајдраматично било во велешката населба Превалец, кога жителите од две страни биле сардисани од големи води кои ненадејно дошле, од реката Тополка и од поројница - (Фото: СДК.МК)

    Невремето кое го зафати Велес однесе еден човечки живот, соопшти Кризниот штаб на општината. Спасе Димовски (51 год) од Велес, го однела поројницата во село Белештевица, откако ѝ помагал на екипата на ЕВН да се извлече од надојдената вода. Од смрт синоќа била спасена осумдесет и три годишната Душанка Иванова од населба Превалец која во последен момент била извлечена од нејзиниот дом, пред надојдената вода да го поплави првиот кат од семејната куќа.

    Драматично било вчера вечер во велешката населба Превалец, кога жителите од две страни биле сардисани од големи води кои ненадејно дошле, од реката Тополка и од поројницата, која доаѓа само во случај на невреме.

    „Мајка ми е неподвижна, инвалид, живее на долниот кат од куќата. Се се` случи за пет минути и помалку. Толку требаше водата која доаѓа само во вакви случаи, кога има поројни дождови, да надојде од Раштани и носеше се пред себе. Водата беше до гуша во собата, кога ја извлековме мајка ми, едвај во последен момент. Долниот кат е уништен“, рече Зоран Иванов, нејзин син.

    Жителите денеска работеа на расчистување на последиците од поплавата – (Фото: СДК.МК)

    Надојдената вода го поткопала мостот од регионалниот пат Велес – Чашка, кој е во населбата. Куќите кои се покрај реката Тополка се под вода, како и фудбалското игралиште. Штети има и во поширокиот регион на овој дел од општината.

    „Има оштетувања на инфраструктурата. Оштетен е новиот асфалтиран пат до Сливник, а најголеми се штетите во населбата Превалец, каде меѓу другото оштетена е фекална канализациона линија. Има голема материјална штета“, изјави Аце Коцевски, градоначалник на Општина Велес и претседател на Кризниот штаб за заштита и спасување. Полни раце работа денес имале велешките пожарникари.

    „Интервениравме во шест куќи во Превалец, каде ја испумпувавме водата од домовите. Такви случаи имаше и во Стари Град, во куќа во Велес и во три во Бузалково“, соопшти Љупчо Лепидовски, командир на Противпожарната единица.

    Од обемните врнежи падна куќата на Тапанареви, во стариот дел на градот, заштитена од државата, поради нејзината архитектура. Во неа подолго време , со години не живее никој, и беше оставена на забот на времето.

    На пладне Кризниот штаб имаше вонредна седница и донесе повеќе мерки, со цел да се помогне на населението погодено од невремето.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира