БИТОЛСКИОТ АДВОКАТ ГОРАН ДАМЕВСКИ ГО ИСКАЧИ ВРВОТ АМА ДАБЛАМ НА ХИМАЛАИТЕ НА 6.812 МЕТРИ НАДМОРСКА ВИСОЧИНА

    БИТОЛСКИОТ АДВОКАТ ГОРАН ДАМЕВСКИ ГО ИСКАЧИ ВРВОТ АМА ДАБЛАМ НА ХИМАЛАИТЕ НА 6.812 МЕТРИ НАДМОРСКА ВИСОЧИНАВрвот го искачи на 3 ноември во 10 часот по непалско време, заедно со непалскиот водич Анг Чиринг Шерпа.(Фото:СДК.МК)

    Битолскиот адвокат Горан Дамевски го освои врвот Ама Даблам висок 6.812 метри на Хималаите во Непал, вчера, ден пред 4 Ноември, кога Битола слави 81 година од ослободувањето на градот.

    „Искачувањето на почеток не беше планирано за роденденот на најградскиот град, требаше да биде начелно за 29 октомври, но со природата нема игра. На крајот на денот, испадна така како што треба да биде. Нема случајни работи“, рече Дамевски за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Тој врвот го искачи на 3 ноември во 10 часот по непалско време, заедно со непалскиот водич Анг Чиринг Шерпа.

    „Ама Даблам ми го отвори патот за првата осумилјадарка, односно врвови високи над 8.000 метри“, додава Дамевски.

    Врвот, сместен длабоко во Хамалајскиот масив во Националниот парк Сагармата е комплициран за искачување. Искачувањето е на минусни темератури во опсег од минус 30 степени Целзиусови, вклучува долга аклиматизација, со ротации на три висински кампови од 5.700, 5.900 и 6.300 метри надморска височина.

    „Тоа е со цел телото да се адаптира на реткиот кислород, кој на таа висина е до 55 отсто, додека таканаречената зона на смртта е на нецели 200 метри“, вели Дамевски.

    Врвот често е нарекуван Матерхорн на Хималаите. Неговото име во превод значи ѓерданот на мајката, поради долгиот висечки глечер на југозападниот дел кој изгледа како церемонијален приврзок.  Тој има стрмни, драматични гребени и изложена силуета, давајќи му уникатна и елегантна форма видлива од секој агол.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира