АФРИКАНСКА ЧУМА ЕВИДЕНТИРАНА КАЈ ДИВИТЕ СВИЊИ НА ШАР ПЛАНИНА

    АФРИКАНСКА ЧУМА ЕВИДЕНТИРАНА КАЈ ДИВИТЕ СВИЊИ НА ШАР ПЛАНИНАДивите свињи се главни преносители на болеста, посебно труповите од заразени и угинати диви свињи. (архивска фотографија)

    Од Агенцијата за храна и ветеринарство предупредуваат дека заразната болест Африканска чума, која е смртоносна за свињите, е регистрирана на ловиштето за крупен дивеч во село Вејце. Засега оваа заразна болест е регистрирана само кај дивите свињи.

    „Болеста Африканска чума не е регистрирана кај домашната популација свињи во Полошкиот Регион. Кај дивата популација свињи таа е потврдена на ловиштето за крупен дивеч во село Вејце. Вирусот на Африканската чума е болест која се пренесува само кај свињите, односно од неа заболуваат само дивите и домашните свињи. Болеста не е опасна и не се пренесува на луѓето, но тие можат да бидат нејзини преносители“, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

    Дивите свињи се главни преносители на болеста, посебно труповите од заразени и угинати диви свињи, преку кои се пренесува вирусот па лесно може да дојде и до фармите и селските стопанства каде се одгледува домашната популација свињи.

    „Агенцијата за храна и ветеринарство им наложи на ловните друштва да вршат пребарување на ловиштата и сите пронајдени угинати диви свињи веднаш да ги пријават до надлежниот официјален ветеринар. Пребарувањето на ловиштата е исклучително важна активност со цел рано откривање на присуството на вирусот на Африканската чума кај свињите. По пријавата за пронајдена угината дива свиња, официјалниот ветеринар зема примероци за лабораториско тестирање и наложува мерки за нештетно отстранување на угинатите свињи“, советуваат од Агенцијата.

    Од Агенцијата исто така ги советуваат ловџиите и другото население дека месото и органите од застреланите диви свињи не смеат да се користат за храна додека не се добие негативен резултата дека животното не е заразено.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира