Доколку до утревечер не се најде можност на „Еуроникел индустри“ од Кавадарци и натаму да добива струја, ќе се случи печката да згасне, а со тоа и комбинатот, предупредуваат од синдикатот. Вработените стравуваат за нивната натамошна судбина, која ќе има сериозни последици и за Тиквешијата. За ова предупредија и помош побараа од Владата, од синдикатот на комбинатот.
„Состојбата е алармантна. Струја имаме до утревечер, затоа побаравме од Владата да ни обезбеди електрична енергија. Ако се згасне печката сите остануваме без работа, не само ние 800 вработени, туку уште 200 други од сестринските фирми. Тоа се добавувачи, транспортери, кујната“, рече Миле Тасев претставник на синдикатот на комбинатот.
Синдикалните претставници кажаа дека Владата им одговорила, средба може да имаат од понеделник, бидејќи агендата во меѓувреме била исполнета. Од Владата попладнево потврдија дека писмото од синдикатот добиле и согласно нивните надлежности ќе одговорат.
„Времето е кратко за нас, ако ја згаснат струјата сè потоа ќе биде доцна, а фабриката ќе биде старо железо. Колку е значаен комбинатот за државата е што има значаен придонес во полнењето на Буџетот. Ако престане да постои, и државата ќе биде во зијан“, рече Трајче Ганев, претставник на синдикатот на комбинатот.
Попладнево разговор со банката која е најголем доверител во „Еуроникел индустри“ од Кавадарци, имале претставници на синдикатот. Средбата им влеала надеж на вработените дека комбинатот ќе опстане.
„По разговорот со претставници на банката, ни кажаа дека тие не се заинтересирани печката да се згасне, сакаат комбинатот да опстане. Но немаат начин да можат да обезбедат струја од сабота навечер, оти не се газди. Не информираа дека имало еден заинтересиран да ја презеде фабриката и тоа е работа со ЏСОЛ“, рече Миле Ѓорѓиев претседател на синдикалната организација во Еуроникел индустри“.
Од синдикатот најавуваат и протести со блокади на регионалниот пат Велес – Прилеп, доколку не добијат помош.
Неофицијалните информации велат дека се јавила фирма од Кипар која сака да ја купи „Еуроникел индустри“ а ЏСОЛ понудил да се продаде сосе вработени и долгови за минимална сума.
П. ПЕЧКОВ