Повеќечасовна акција за да спасат мечок кој се заглавил во сајла имале вчера вработените во Националниот парк Шар Планина и од Зоолошка градина Скопје. До оваа интервенција дошло откако овчар кај своето бачило во близина на Бозовце го забележал мечокот заглавен во делот од оградата каде има поставено сајла.
Овчарот се јавил во Националниот парк, а тие пак ги повикале стручните лица од скопската Зоолошка градина. На нивното видео се гледа како се прави успивање на мечката, по што се успешно ја оттргнале едната од нозете на мечката од сајлата. Воедно се констатира дека има мали гребаници но дека шепата е ред.
„По дојава на локален жител од село Бозовце дека во неговото бачило е заглавена мечка, Ј.У.Н.П. Шар Планина заедно со стручни лица од Јавната установа Зоолошка градина на град Скопје организираа акција за ослободување на животното. Возрасниот мажјак кој беше заглавен во сајла околу 10 часа, беше изморен и исплашен, а по три часа работа Бозо беше успешно ослободен. Упатуваме благодарност до сопственикот на бачилото кој го пријави настанот за да се ослободи мечката. Благодарност и до полициските службеници за напорите да го обезбедат теренот, како и до сите други надлежни институции со кои се координираше акцијата“, кажаа од Национален парк Шар Планина.
Според законските одредби, мечките се заштитени животни како загрозен вид и не смее да се ловат и убиваат.
З. АНДОНОВ