До април на депонијата „Дрисла“ ќе стигне нова печка за согорување на медицински отпад, а најскоро што може ќе бидат набавени филтри за постојниот инценератор, најави денеска заменик министерот за животна средина Јани Макрадули.
„Ние како министерство ѝ наложивме на Дрисла во најкус можен рок да се набават водени филтри, кои до 95 отсто ги задржуваа штетните честички кои се испуштаат од согорувањето. Зошто сите овие години на печката немало филтри, стравно не ми е јасно. Во изминатиов период постојано се вршеа контроли меѓу кои беше и депонијата. Денес имавме вонредна контрола. Печката од први јануари не работи, но тоа не може да трае бесконечно бидејќи што ќе правиме во тој случај со медицинскиот отпад. Ова е единствена печка во земјава. Сугерирано е во деновите со високо ниво на аерозагадување печката да не работи, што и се почитува“, рече Mакрадули.
Макрадули објасни дека новиот инценератор ќе биде поставен на „Дрисла“ до крајот на април. Во моментов се вршат градежни работи а во тек е и постапката за набавка.
„Министерството за транспорт и врски од 2015 година не им давале дозвола на ’Дрисла‘ за изградба на постројката за медицински отпад. Новиот министер Горан Сугерески пред два ја издаде дозволата и почната е постапката. Ве уверувам дека во земјава не бил увезуван медицински или друг вид отпад. Имало барање во септември 2016 за увоз од странство на отпад, но Министерството за животна средина го одбило тоа барање“, вели Макрадули.
А. АНТЕВСКА