АРСОВСКА СЕ ОБРАЌА НА ПОГРЕШНА АДРЕСА, ЗА ДА ГО ВРАТИ ЌОСЕТО ТРЕБА ДА БАРА СОГЛАСНОСТ ОД СОБРАНИЕ, ВЕЛИ ГЕРАСИМОВСКИ

    АРСОВСКА СЕ ОБРАЌА НА ПОГРЕШНА АДРЕСА, ЗА ДА ГО ВРАТИ ЌОСЕТО ТРЕБА ДА БАРА СОГЛАСНОСТ ОД СОБРАНИЕ, ВЕЛИ ГЕРАСИМОВСКИСогласно Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја, надлежностите за подигнување споменици се во Собранието, додека Општините можат да подигнуваат спомен-обележја само за личности и настани од локално значење, одговори Општина Центар. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалничката Данела Арсовска треба да бара согласност за поставување на споменикот на Андон Лазов-Ќосето од Собранието, не од нас, вели градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски. Откако Арсовска минатиот месец доставила писмено барање до Општина Центар за согласност за враќање на Ќосето пред комплексот судови, Герасимовски ѝ одговори дека се обраќа на погрешна адреса.

    Во одговорот испратен до Арсовска стои дека согласно Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја, надлежностите за подигнување на споменици се наоѓаат во Собранието, додека Општините можат да подигнуваат спомен-обележја само за личности и настани од локално значење.

    „На погрешна адреса е испратено барањето. Ќосето нема никаква врска со Општина Центар ниту пак е лик од локално значење и оттаму ова прашање не може да се третира на општинско ниво. Град Скопје треба да се обрати до Собранието. Што се однесува до самиот споменик, во минатото институциите утврдија бројни законски прекршувања при поставувањето на истиот, меѓу кои и Законот за поставување на спомен-обележја. Верувам дека институциите во однос на овој случај ќе постапат целосно според законот, бидејќи во минатото истиот предизвика многу контроверзии“, вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

    Споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето (1855-1953) со кама в рака, познат во историјата како ликвидатор на ВМРО, кој си го убил и брата си, беше поставен пред судовите во 2014 година, кога градоначалникот беше Коце Трајановски. Ќосето е еден од петте споменици кои Град Скопје ги доби како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин.

    Со доаѓањето на функција на ексградоначалникот Петре Шилегов споменикот беше отстранет оти било утврдено дека е дивоградба односно нема решение за негово поставување. Откако беше тргнат, споменикот беше однесен во магацин на „Металски завод-Тито“ во Скопје. На неговото место беше засадено дрво гинко, посветено на човековите права со изгравирана плочка донирана од збратимениот град Нирнберг, на која е испишан текстот од членот 10 од Декларацијата за човекови права на Обединетите нации. Тој член гласи: „Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира