БЕНДЕВСКА ГО ИНФОРМИРАШЕ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДЕКА БУГАРСКИОТ КЛУБ ВО БИТОЛА ПАК РАБОТИ, ИАКО Е НЕПОСТОЕЧКИ

    БЕНДЕВСКА ГО ИНФОРМИРАШЕ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДЕКА БУГАРСКИОТ КЛУБ ВО БИТОЛА ПАК РАБОТИ, ИАКО Е НЕПОСТОЕЧКИ„Ќе прашам децидно дали државните институции можат да најдат начин на кој ќе го забранат дејствувањето на ова избришано од Централен регистар здружение на граѓани со фашистичко имe#, рече Бендевска пред да влезе во ОЈО во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Потпретседателката на македонското Собрание и пратаничка на ЗНАМ, Весна Бендевска, денес достави известување дo Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Битола дека бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ иако е избришан од Централниот регистар во март минатата година, продолжува со активности и објави на содржини на социјалните мрежи насочени против националните чувства на македонскиот народ, историја, јазик и култура.

    „Ќе прашам децидно дали државните институции можат да најдат начин на кој ќе го забранат дејствувањето на ова избришано од Централен регистар здружение на граѓани со фашистичко име. Доколку има индиции веднаш ќе поднесам и нова кривична пријава против Љупчо Ѓоргиевски, поранешниот претседател на поранешното здружение кое е избришано од регистарот“, рече Бендевска пред да влезе во просториите на ОЈО во Битола.

    Бугарскиот клуб на 1 ноември, три дена пред денешната прослава на 80 години слободна Битола, одржа настан на кој ги славеше бугарските преродбеници. Собирот беше во објектот на улица „Рузвелтова“ каде во 2022  беше сместено здружението кое сега е непостоечко, а на фасадата надвор уште се вее бугарското знаме. Говорниците рекоа дека Војдан Чернодрински е бугарски преодбеник, „Македонска крвава свадба“ дел од бугарското културно наследство и олицетворение на борбите и стремежот за слобода на Бугарите. Говорникот Калин Крумов рече: „Сижето е познато, двајца млади се вљубуваат, Турците ја грабаат девојката, а Бугарите се спротивставуваат“.

    Според Бендевска ова беше чиста провокација в очи 4 ноември, денот кога се слави ослободувањето на Битола, а и претходно имало други вакви провокативни активности околу овој датум. Таа ќе побара да се преземат и соодветни санкции и против тоа што бугарското знаеме се вее на објект кој не претставува никаков правен субјект.

    Бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ беше избришан од Централниот регистар во март лани откако тогашниот министер за правда Кренар Лога го потпиша решението со кое се одби барањето бугарското здружение да го користи името на Михајлов, соработник на фашистите во Втората светска војна. Клубот доби рок да ја усогласи работата со измените во Законот за здруженија и фондации. Според нив, во називот не можат да користат имиња на личности што се поврзуваат со национална, етничка нетрпеливост, геноцид, поддршка на нацизам и фашизам. Но, „Ванчо Михајлов“ не го промени називот.

    Во тек е и судска постапка против претседателот на непостоечкиот клуб во Битола, Љупчо Ѓоргиевски, кој е обвинет за предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем. Кривичната постапка против него ја поведе Основното јавно обвинителство од Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира