БЕЗДОМНИТЕ ЖИВОТНИ СЕ СЛИКА НА ОПШТЕСТВОТО, ВЕЛИ АКТИВИСТОТ ВИКТОР МАЗНЕВ КОЈ ВО ЕВРОПА ЗГРИЖИЛ НАД ИЛЈАДА УЛИЧНИ ЖИВОТНИ ОД ВЕЛЕШКО

    БЕЗДОМНИТЕ ЖИВОТНИ СЕ СЛИКА НА ОПШТЕСТВОТО, ВЕЛИ АКТИВИСТОТ ВИКТОР МАЗНЕВ КОЈ ВО ЕВРОПА ЗГРИЖИЛ НАД ИЛЈАДА УЛИЧНИ ЖИВОТНИ ОД ВЕЛЕШКОМазнев во селото Војница има стационар каде згрижува бездомни животни, но не само кучиња и мачки, има и коњи, овци, птици. (Фото: СДК.МК)

    Велешанец Виктор Мазнев има 27 години, а веќе 14 години ги помага бездомните животни. Повеќе од илјада бездомни кучиња и мачиња за овој период биле со негова помош вдомени низ Европа. Тој за неговиот волонтерски ангажман за згрижување на бездомните животни во Велес го доби општинското признание „9 Ноември“.

    „Хуманоста или ја имаш, или ја немаш, таа не се учи. На крајот на краиштата, љубовта е таа која му треба на целиот свет. Пружете ја и на луѓето и на животните. Човек се раѓа со емпатија, со љубов кон се што е живо на овој свет“, рече Мазнев по повод 4 Април, Светскиот ден на бездомните животни.

    Тој во селото Војница има стационар каде згрижува бездомни животни. Но не само кучиња и мачки, има и коњи, овци, птици.

    „Моментално имам згрижено седумдесетина бездомни кучиња од улиците на Велес. Имам и коњи кои биле малтретирани и напуштени од нивните сопстеници. Имам спасено овци, кози бил биле чувани во несоодветни услови. Имам и многу птици кои исто така биле чувани како што не заслужуваат“, вели Виктор.

    Мазнев за неговиот волонтерски ангажман за згрижување на бездомните животни во Велес го доби општинското признание „9 Ноември“. (Фото: СДК.МК)

    Тој е невработен, но наоѓа начин како овој негов стационар да обезбеди средства за грижа и храна на сите негови жители. Тоа е преку странски фонадции, донации на граѓани од странство, кои искрено ги сакаат животните.

    „Помошта е драгоцена, добредојдена. Има и мал број граѓани од Македонија кои помагат. Имам вдомено преку илјада бездомни кучиња и мачиња за овие 14 години низ државите во Европа. Голема благодарност до сите тие кои помагаат за оваа приказна да опстојува, да има успешен крај, да биде возможна мисија“, вели Мазнев.

    Постапката за вдомување е долга и мачна, да се обезбедат сите потребни докуметни, визи, пасоши, да се провери домот каде животното ќе биде згрижено, вели тој. Сето тоа бара време, процедури, посветеност. Целата работа околу стационарот и чувањето на бездомните животни ја работи сам, без помош од други волонтери. Така било до неодамна кога му се придружила британска пензионерка.

    „Пред пет години, Британка од мене вдоми куче. Таа од недомна, кога стана пензионерка, поранешна детективка во полиција, дојде да живее во Велес и ми помага. Одлучи пензионерските денови да ги посвети во помош на бездомните кучиња“, вели Мазнев.

    Тој кажува и зошто бездомните кучиња може да бидат агресивни, да нападнат, да каснат и како минувачите да се заштитат во таков случај.

    „Факт е дека имаме голем број улични кучиња во Велес. Некои од нив напаѓаат, луѓето не знаат како да реагираат во таква ситуација. Едно бездомно куче е слика на општеството во кое живее. Агресијата и напаѓањето од кучињата е одбрамбен механизам. Тоа претходно претрпело трауми. Луѓето кои имаат страв од кучиња, нека пробаат да вопостават контакт со кучиња од пријатели кои ги познаваат. Кучињата препознават страв кај луѓето и на реакцијата со викање, пискање, кучето реагира. Не така, продолжете покрај кучето, без да го забележувате. Кучето може да залае, но не значи дека ќе ве нападне. И побарајте помош, повикајте ако сметата дека сте загрозени“, вели Мазнев.

    Вели дека за решавање на проблемот со бездомните кучиња во градот, потребно е да бидат вклучени и лицата кои им помагаат, бидејќи најдобро го знаат проблемот.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира