Билјанини извори во Охрид денес повторно секнаа. Ова е веќе третпат годинава да не блика вода од изворите.
„Во овој период од годината ова станува речиси редовна појава да секнуваат Билјанините извори. Дотокот на вода од врвовите на Галичица е намален, а тоа се одразува врз капацитетот на изворите. Најмногу вода во нив има кога се топат снеговите на оваа планина, а тоа е на пролет“, велат охридски екологисти.
Во „Охридски Водовод“ не се изненадени од оваа природна појава. Оттаму кажуваат дека еден дел од капацитетот на базенот каде што се собира водата се користи за потребите на градскиот водовод, дел за базените во Хидробиолошкиот завод каде се одгледуваат рибен подмладок, а она што останува ги формира изворите кои се познати како Билјанини. При недоволен прилив на вода Билјанините извори секнуваат, велат оттаму.
Од друга страна, страда и познатата охридска плашица на која природно живеалиште во овој период и е каналот Студенчишта каде што се влева водата од Билјанини извори. Поради намалениот дотек на вода рибите остануваат без доволно кислород, а рибарите што тука ловат кажуваат дека огромни количини на риба се појавува на површината на водата, борејќи се за кислород.
Се проценува дека во каналот Студенчишта моментално има повеќе тони охридска плашица.
Д. ЧУБРИЌ