Беше достигнување во тинејџерскиот живот на 16, 17 години да се стане дел од аероклубот во Битола, да се биде ученик на тогашниот инструктор Мирко Тодоровски, велат тогашните членови.
„Единствената мисла ни беше како од училиште да стигнеме до аеродромот во село Оризари. Таму во 1950-тите години се простираше пистата. А на неа само еден авион и четири едрилици. А во срцето желба за летање голема колку небото“, емотивно се присетуваат едни од првите пилоти, падобранци, едриличари, моделари обучувани во битолскиот аероклуб под менторство на пилотот Мирко Тодоровски, чие име денес го носи клубот.
„Како би рекле денес младите, беше ин да се биде воздухопловец во тоа време. И сега би изброил најмалку 60 лица, во добар дел подоцна инженери од РЕК кои беа дел од нашиот клуб, а и јас постоа станав генерален директор на ‘Битолатекс’. Но, како млади имавме само еден сон – како да стигнеме до аеродромот. Учев во Горната гимназија покрај Драгорот. Мирко ќе летнеше со авионот над Гимназија во 11 часот. Ќе се погледневме учениците меѓу нас, тетратките во појасот и правец на аеродром. Тоа ни беше главното, а во зима бевме сите планинари“, вели Јован Свидерски, еден од највозрасните членови на аероклубот „Мирко Тодоровски“ од Битола.
Иако денес навлезени во деветтата деценија од животот, со насмевка на лицата се сеќаваат на првите прелети над Битола. Толку им се драги спомените што ги чуваат и членските книшки од клубовите и водухопловните сојузи.
„Ова е мојата падобранска книшка од 1955, а другата од Воздухопловскиот сојуз на Југославија. Почнав како моделар во Битола, па во Јатовата школа во Вршац завршив едриличарски курс. Наставник во Битола ми беше Мирко. Ризница на цивилното воздухопловство беа аероклубовите. Тогаш финансисраше државата, горивото го даваше војската. Сега ништо, младите немаат вистинска занимација. Еден дом на Пелистер не сме способни да го направиме, а не пак да им го вратиме спортскиот дух“, вели Благој Атанасовски-Фармата (87), член на аероклубот и поранешен комерцијален директор на „Транскоп“.

Јован Свидерски заедно со Игор Божиновски, еден од нaјголемите поддржувачи на аероклубот. (Фото: СДК.МК)
Еден од падобранците кои првите скокови ги имал во Битола е и пензионираниот новинар Ѓоко Поповски, брат на поетот Анте Поповски.
„Уште пред да го почувствуваме летањето, нѐ заведе теоретскиот дел, па некако во душата ни влезе желбата да летаме. Овде имаше сѐ на сѐ еден авион, двокрилец, каков што сега можете да го видите само на историски филмови. Имаше еден трактор, три-четири едрилици. Но, условот за да леташ беше да ја совладаш техниката на падобранство. Во тоа време имавме и жена за инструктор, Нада Ицева. Нѐ учеа и Аки Ибраимовски од Скопје, Мирко Тодоровски од Битола. Многу далечен беше овој спорт, но благодарение на нив бевме успешни. Теоријата ни ја објаснуваа во практика. Бевме млади за таков голем залак. Талентирани пилоти произлегоа од Битола. Некои продолжија како пилоти на југословенството воено воздухопловство“, кажа Поповски.
Тој постигнал и југословенски рекорд во спуштање со падобран, кога се соочил со животозагрозувачка ситуација.
„При спуштање со падобран во Битола, бројам 16 секунди за да ми се отвори падобранот. 17,1 8 секунди минуваат, гледам небо, бандери, не ми се отворил падобранот. По правилото, го влечам резервниот падобран, во исто време се отвора и главниот. Паднав точно на крстот како слободно тело во воздух и постигнав рекорд“, вели Поповски.
Аероклубот „Мирко Тодоровски“ од Битола на 11 октомври прослави значаен јубилеј, 100 години авијација во Битола. На прославата организирана на спортскиот аеродром во Логоварди, спомените кои ги споделија ветераните укажаа какви идеали имале младите пред повеќе од шеесетина години. Велат дека во услови кога главната занимација во денешно време се мобилните телефони и интернетот, од голема важност е ваквите клубови да опстојат и да им докажат на младите кои можности ги имаат.
Ж. ЗДРАВКОВСКА