Маја Горјанова од Битола пред 11 години ѝ го спасила животот на сопствената ќерка, која тогаш имала само седум месеци, донирајќи ѝ дел од својот црн дроб. Девојчето било родено со недоразвиени жолчни канали, што предизвикало уништување на црниот дроб и цироза, па морало итно да се направи трансплантација. Мајката за семејното патешествие раскажа на панел-дискусијата во Битола, одржана со цел да се подигне свеста кај населението за органодарителството. Бројот на донори во Македонија сѐ уште е мал, а на листата за трансплантација чекаат 200 пациенти.
„Единствената шанса да ѝ го спаси животот беше донорството, а донор бев лично јас. Во 2015 година во Македонија не се правеа трансплантации на црн дроб, особено не кај мали бебиња, па бевме пратени во Турција. Ќерка ми беше само седум месеци, а трансплантацијата траеше 10 часа; не се знаеше дали ќе ја издржи. Со голема верба и надеж за нов живот, успеавме. Денес има 11 години и таа е сосема здраво девојче. Апелирам многу силно за органодарителство – нема поубаво нешто од тоа да знаете дека давате нова шанса за живот“, рече Горјанова.
Преку видеообраќање на панел-дискусијата се обрати и Панде Пасарикоски, Македонец кој живее во Шведска, на кого пред 8 години успешно му беше трансплантирано срце.
„Во 2017 година по итност бев опериран и добив механичка циркулаторна потпора. Ми се случи воспаление на белите дробови, ми откажаа бубрезите, настанаа големи крвавења. Ме ставија на листата за трансплантација со приоритет. Беше пронајдено срце за мене. Операцијата во Шведска траеше долго. Кога ме разбудија, се чувствував толку добро што мислев дека ќе полетам. Опоравувањето траеше долго, добив дијабетес тип 2. Но, по 8 месеци со многу пешачење успеав да стабилизирам сѐ. Сега живеам нормално, работам, со внуците играме фудбал“, рече Пасарикоски, порачувајќи дека онаму каде што има можност, треба да се донираат органи за да им се даде шанса на луѓето кои чекаат, меѓу кои има и многу млади.

На трибината учествуваа врвни лекари, трансплантациски експерти, координатори за трансплантација, како и претставници од МПЦ и ИВЗ. (Фото: СДК.МК)
Трибината ја организираше Ирена Ралева-Најдеска, сопруга на 33-годишен пациент со вештачко срце кој чека трансплантација веќе 9 години, а 7 години живее со две механички потпори.
„Самиот момент на чекање донор нѐ поттикна да почнеме со вакви трибини низ целата држава, бидејќи свеста за органодарителството е на ниско ниво. Нас времето ни е скапоцено и се плашиме дека можеби нема да го дочекаме повикот за трансплантација. Сѐ повеќе млади луѓе чекаат на таа листа за живот, а сето тоа зависи од хуманоста на населението“, рече Ралева-Најдеска.
На трибината учествуваа врвни лекари, трансплантациски експерти, координатори за трансплантација, како и претставници од МПЦ и ИВЗ.
„Имаме национална листа на чекање која брои околу 200 пациенти. Сите тие чекаат орган од починат дарител. Имаме обучен кадар да ги врши трансплантациите, но потребно е да се работи на подигање на јавната свест. Во 2025 година имаме комплетно обработено 13 потенцијални донори, а согласност сме добиле за 3 трансплантации. Херојството на оние кои прифатиле нека биде поттик за сите други“, рече проф. д-р Билјана Кузмановска, анестезиолог и национален координатор за трансплантација.
Проф. д-р Сашко Јовев, кардиохирург од Државната кардиохирургија – Скопје, рече дека заостануваме во однос на земјите од регионот, како Хрватска и Словенија, кои според бројот на жители имаат најголем број дарители.
Од 2022 година, откако започна трансплантацијата на црн дроб во Македонија, досега се направени 6, а на годишно ниво има потреба од околу 15 вакви зафати.

Трибината ја организираше Ирена Ралева-Најдеска, сопруга на 33-годишен пациент со вештачко срце кој чека трансплантација веќе 9 години, а 7 години живее со две механички потпори. (Фото: СДК.МК)
Пионери во трансплантацијата и со најголем број интервенции во Македонија се од Универзитетската клиника за урологија. Досега имаат направено 525 пресадувања на бубрези.
„Тоа за Македонија е огромна бројка. Светската асоцијација за трансплантации нѐ рангираше на 9-то место во светот и на 5-то во Европа. Тоа е еден од најголемите успеси што воопшто ги постигнала Македонија во здравствената сфера“, рече проф. д-р Сашо Дохчев, хирург-уролог и шеф на тимот за трансплантација на бубрези.
Во Македонија трансплантација се врши од живи дарители или од донори кај кои е констатирана мозочна смрт. Секој граѓанин е потенцијален донор доколку за време на животот не потпишал изјава дека се откажува од донирање органи. Кај лицата кои се во клиничка смрт, се бара согласност од нивните семејства за дарување органи.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



