Проект за соларна централа за производство на електрична енергија по принципот на РЕК, само што наместо јаглен како извор на топлина ќе го користи сонце, изработи „БИСТА“ од Битола, граѓанска иницијатива која е доста активна во борбата за почиста животна средина. Вакви електрани засега во Европа има само во Шпанија, а од „БИСТА“ се надеваат дека Македонија може да ја добие првата соларна централа во Западен Балкан. Таа би била еколошка и не би загадувала.
Изградбата би чинела од 35 до 40 милиони евра, но тоа би била повратна инвестиција.
Оваа електрана има капацитет од 40 мегавати на час. Тоа би значело задоволување на потребите од електрична енергија за општините Битола, Новаци и Могила за 6 месеци во годината кога има сонце, односно половина од потребните 308 гигавати струја годишно.
Од оваа граѓанска иницијатива велат дека овој проект е нивен скоромен придонес за почиста животна средина и ќе го презентираат на јавна трибина. Го понудиле на претходната власт, но биле одбиени. Го доставиле и до сегашната власт, но засега немаат повратен одговор, а пропаднале неколкуте обиди за средба со луѓето кои одлучуваат за енергетиката.
„За разлика од технологијата на фотоволтаична електрана, ова е посовршена и подобра технологија на концентрирана соларно-термална електрана која е иднината на овој начин на производство на електрична енергија. Електраната ја претвора сончевата енергија во термална енергија преку загревање на посебна смеса во огромен резервоар и создадената водена пареа ја движи турбината која произведува електрична енергија. Оваа технологија произведува струја 24 часа во денот, дури и продолжен период од неколку денови кога нема сонце, за разлика од фотоволтаичната која произведува само дури има сонце, а исто така има и многу поголема искористеност на сончевата радијација (околу 60-65%) за разлика од фотоволтаичната која има околу 15 отсто“, велат од „БИСТА“.
„Сумата што државата ја фактурира и наплаќа од жителите на овие три општини за користење на електрична енергија на годишно ниво е 18 милиони евра без ДДВ. За период од 6 месеци се добива фактурирана сума од 9 милиони евра. Тоа значи, дека оваа инвестиција би се вратила од наплатата на фактурите за електрична енергија за период од 5-6 години, а после тој период ние би користеле бесплатна електрична енергија во летниот период додека нѐ грее сонцето како обновлив извор на енергија“, велат од „БИСТА“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА