Директорот на Народниот театар од Битола (НТБ) Васко Мавровски, на денешната прес-конференција соопшти дека институцијата ја наследил со долг од 4 милиони денари (над 65.000 евра) кој заедно со исплата за извршители би можел да достигне до 10 милиони денари (над 160.000 евра). Тој рече дека долгот не е тајна и е утврден при вонреден инспекциски надзор на Министерството за култура.
Мавровски, кој е актер во Битолскиот театар, рече дека долгот бил направен за време на претходното раководство за три години, односно по ковид кризата, иако претходниот директор Иван Јерчиќ го презел театарот од ексдиректорот Валентин Светозарев со позитивна нула.
„Се работи за ненаменско трошење на средства. Имаме долгови кон фирми за превоз, физички лица, актери, надворешни соработници, едно 50 диџеи кои никаде не постојат во финансиски оперативен план за Шекспир фестивалот, а должиме колку еден Шекспир фестивал само на диџеи за журките што се случувале по завршувањето на претставите. На журките имало повеќе публика отколку на претставите. Да склучите хонорар за 10.000 евра, а театарот е 4 милиони денари во минус е недозволиво“, рече Мавровски.
Тој додаде дека решение за да се врати долгот засега нема, но имаат голема желба да преживеат.
„Театарот е во позитива од јануари до денес, но таа е симболична, успеавме да се стабилизираме за да не трупаме нови долгови. Имаме некои ситни пари со кои не можеме едно веце да реновираме. Сите луѓе што сакаа помогнаа, па поставивме нова интерфонија, реновиравме и опремивме неколку простории, но тоа е една капка во морето. Во овој театар седум години една шајка не е закована нова“, рече Мавровски, кој самиот призна дека е член на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и дека е дел од креирањето на нови културни политики во државата.
Ексдиректорот Иван Јерчиќ, кој театарот го водеше за време на власта на СДСМ, одби да ги коментира обвинувањата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА