БИТОЛСКИТЕ КОМУНАЛЦИ ПРАВАТ КОМПОСТ ОД БИООТПАДОТ, ШТО ГО КОРИСТАТ ЗА ОДГЛЕДУВАЊЕ ЦВЕЌИЊА

    БИТОЛСКИТЕ КОМУНАЛЦИ ПРАВАТ КОМПОСТ ОД БИООТПАДОТ, ШТО ГО КОРИСТАТ ЗА ОДГЛЕДУВАЊЕ ЦВЕЌИЊАБитолски „Комуналец“ има свои пластеници за цвеќиња, кои потоа се поставуваат на јавни површини во градот (Фото: СДК.МК)

    Над 3.000 килограми компост за шест месеци произведе јавното претпријатие „Комуналец“ од Битола и го користи во пластеници за одгледување цвеќиња, со кои се разубавуваат зелените површини во градот. Био-компостерот е набавен во рамките на проектот за одржливо управување со органски отпад „Симбиоза“, финансиран од Европската Унија, во рамките на Интерег ИПА програмата за погранична соработка со Грција. Компостерот има капацитет од шест кубни метри, а се добива квалитетен компост што може да ги замени ѓубривата.

    Во Општина Битола првпат се организира селективно собирање органски отпад, како остатоци од искосена трева и искастрени гранки. Набавени се 2.000 канти за органски отпад од 120 литри за домаќинства и мали бизниси, 200 канти од 240 литри за средноголеми производители на органски отпад (поголеми ресторани и хотели) и 35 контејнери од 1,1 кубен метар за поголеми производители на индустриски органски отпад. Отпадот се подига со специјално возило.

    „Собраниот биоотпад се транспортира на депонијата Мегленци, со која управува ЈП ‘Комуналец‘. Во посебен простор е инсталиран биокомпостер со затворен систем на компосториње, каде прво се меле биоотпадот, а потоа се добива квалитетен компост. Тој се користи во нашите пластеници каде што се одгледуваат цвеќиња, кои потоа се поставуваат на јавни површини во градот“, вели Панде Богоевски, директор на ЈП „Комуналец“ Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира