Пензионерите од Битола се скараа кој да им биде водач. Во просториите на битолското Здружение на пензионери каде денес се одржуваше седница на Собрание, атмосферата беше тензична, со викотници, но сепак не дојде до конфликт помеѓу двата табора. Едниот е со приврзаници на сегашниот претседател Томе Илиоски, татко на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски, кој веќе во два мандати е на чело на Здружението и за скоро му истекува мандатот, а другиот табор е со пензионери кои бараат да се распишат избори.
Поголема група пензионери денес влегоа во канцеларијата на Илиоски и го обвинија дека нестатутарно сака да си го продолжи мандатот за уште десет месеци. Тие побараа да присуствуваат на Собранието.
„Се одржува седница на Собрание на кое треба да се донесе одлука за продолжување на мандатот на претставниците на пензионерите за повеќе од десет месеци. Сметаме дека одлуката е нестатутарна зашто според статутот, не смее мандатот на избраните претставници да биде повеќе од четири години. Ова е надвор од демократските принципи за одржување на изборите зашто според статутот одлуката за одржување на избори мора да биде донесена во рок од 60 дена пред истекот на мандатот, а истекот на мандатот на ова собрание е јули година. Постои незадоволство зашто не се одржани никакви седници на ограноците во однос на измените на статутот што биле донесени“, вели пензионерот Томе Димитровски.
Повеќе од еден час траеја натегањата околу тоа дали претседателот Илиоски ќе ги пушти да присуствуваат на Собрание. Прво тој им рече дека не може да пушти поголема толпа зашто ќе ја одолговлекуваат дискусијата. Побара да го остават Собранието да ја донесе одлуката, а потоа ако сакаат нека ја обжалат и да си организираат избори. Воедно, рече дека може и да побара и седницата да биде од затворен тип, но дека не сака да вика обезбедувања зашто сепак се сите битолчани и ќе треба пак да се видат на улица. По настојувањето на другата група, дозволи тројца да учествуваат на Собранието.
Илиоски за новинарите изјави дека продолжувањето на мандатот е статутарно зашто во 2016 година имало измени и бил вметнат членот 10 – а кој тоа го дозволува.
„Изборите се одржуваат на секои четири години според статутот, но во август 2016 година статутот е променет. Во член 10- а пишува поради усогласување со статутот на Сојузот на Здруженијата на пензионери на Македонија, терминот предвиден за избори да се продолжи. Ние имаме и препорака од Собранието во Скопје да се усогласиме и изборите да се одржат од 15 декември до 15 февруари. Препораката е затоа што имаме веќе наши делегати во тамошното Собрание, па во Извршен одбор и членови на комисии, а нивниот мандат не е истечен“, рече Илиоски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА