БЛОКАДА НА ПАТОТ ВЕЛЕС – ЧАШКА, ОРИЗАРЦИ БАРААТ ВОДА

    БЛОКАДА НА ПАТОТ ВЕЛЕС – ЧАШКА, ОРИЗАРЦИ БАРААТ ВОДААко за седум дена не добијат вода, следниот протест нема да го прават на овој регионален пат, и како што рече недолжни граѓани да стојат на сонце со часови, туку ќе ги блокираат институциите, локалната власт и ЈКП Дервен, најавија од месната заедница. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на велешката приградска населба Горно Оризари и овој петок, го блокираа регионалниот пат Велес-Чашка. Протестот започна од 9 часот и е најавено дека ќе трае до 17 часот. Причината е иста како и пред седум дена, три илјади жители на  населбата месец дена немаат вода.

    „Најмногу не` боли  што за толку  денови, никој ама баш никој не дојде, градоначалник, пратеник, директор на ЈКП Дервен,  да не праша како е. Пишуваат соопштенија, најавуваат решавање на проблемот,  а ништо на терен не се случува. Не навредуваат  со изјавите дека се краде. Кој тоа краде вода, дајте го со име и презиме Треба да се знае дека три илјади жители имаше Оризари пред три години, сега сме само 1,5 илјади другото се отсели,  како и  се` младо во државата. Имавме две илјади грла крупен добиток, сега едвај 800. Каде ја трошиме водата, кој ја троши. И пред општина паркот се полева да биде зелен“, велат жителите.

    „Јавноста треба да  знае дека сме редовни плаќачи, со 90 отсто платени редовно сметки“,  вели друг жител на населбата.

    Лути се што сите информации надлежните ги давале преку медиуми, не лично со жителите  од Горно Оризари.

    Деновиве во населбата дојдоа многу иселени по Европа. Но бргу си отидоа, заминаа во Грција на одмор. Ниту најавените рестрикции  по зони не дадоа резултат.

    Претседателот на Месната заедница  Исмет Ајдиновиќ најави дека ако за седум дена не добијат вода, следниот протест нема да го прават на овој регионален пат, и како што рече недолжни граѓани да стојат на сонце со часови, туку ќе ги  блокираат институциите,локалната власт и ЈКП Дервен.

    По некое време на протестот дојдоа и градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев,  директорот на ЈКП Дервен  Фиданчо Цековски и  пратеникот Зекир Рамчиловиќ од  ВМРО-ДПМНЕ.

    „Овој проблем е со години.  Во јуни, јули август иако пумпите работат по 24 часа вода нема.  Со помош на редукции пробавме за сите да добиваат вода, едни ќе  немаат во еден дел  на денот други во друг. Тоа е единственото решение во моментов.   Водоводната мрежа во Оризари вие ја имате градено, ние  ја имаме преземено. Немаме контрола каде има каде нема приклучоци, диви, легални. Затоа е потребно да се изгради нова водоводна мрежа и секој да има легален приклучок. Вода има доволно за водоснабдување но не и за наводнување. За тоа ќе се обратите  до ЈВП Лисиче“, рече директорот Цековски.

    Градоначалникот додаде дека дополнителен проблем е што летово се јавиле сериозни дефекти на водоводната мрежа.

    „Суштински проблем е дотурот на вода и  големите дефекти на главната линија Велес – Превалец –  Оризари. Тешко е да се отстрани дефект кога ќе се  појави. Кога на едно место цевката пука, се јавуваат и  на други места такви пукнувања. Профилот на цевката е таков и таа не  може да го издржи ова, стара е“, објаснуваше градоначалникот Чадиев.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира