БОГОЈАВЛЕНИЕ-ВОДИЦИ ВО ОХРИД ГОДИНАВА БЕЗ ИЛЈАДНИЦИ ВЕРНИЦИ И КАПАЧИ ПО СВЕТИОТ КРСТ

    БОГОЈАВЛЕНИЕ-ВОДИЦИ ВО ОХРИД ГОДИНАВА БЕЗ ИЛЈАДНИЦИ ВЕРНИЦИ И КАПАЧИ ПО СВЕТИОТ КРСТВо осветените езерски води сепак се очекува да има индивидуални капачи. - Од фрлањето крст во Охрид во 2013година (Фото: Ѓ. Личовски)

    Големиот христијански празник Богојавление-Водици утре во Охрид ќе помине без традиционалното одбележување со илјадници верници на пристаниште и стотици капачи кои скокаат во водите на Охридското Езеро по Светиот крст. Поради пандемијата и почитување на мерките за заштита од коронавирусот најмасовната црковно народна манифестација, која векови наназад се случува во балканскиот Ерусалим, годинава е откажана.

    „Централна прослава оваа година нема да има поради вирусот кој е во заминување, но духовно ќе бидеме пренесени бидејќи живееме со надеж како православни христијани“, вели отец Љупчо Симиџиоски свештеник од Охрид.

    Со одлука на Дебарско-кичевската епархија, празникот Богојавление-Водици ќе биде одбележан само во црковните храмови. Ќе бидат организирани утрински богослужби и осветување на вода, со која потоа ќе биде извршен Богојавленскиот водосвет на езерото.

    „Во сите православни парохиски цркви ќе се отслужат свети божествени литургии. После службите, односно после осветувањето на светата вода во црквата истата вода ќе биде положена во Охридското Езеро и на тој начин ќе се осветат самите води“, вели отец Симиџиоски, кој упати апел до сите верници кои ќе дојдат во црквите да носат маски и да не се групираат.

    Во осветените езерски води сепак се очекува да има индивидуални капачи. Од Општина Охрид апелираат да нема организирано капење и масовни собири.

    „Општина Охрид упатува апел до граѓаните да се воздржат од масовни собири и организирано капење. При посетата на храмовите задолжително да се почитуваат препораките за заштита, да се носат маски и да се одржува дистанца“, велат од Општина Охрид.
    Водици и Богојавленските празници, пред сè скокањето по крстот и Денот на рибарите во Охрид години наназад привлекуваа повеќе илјади туристи од Македонија и соседните држави.

    Tрадиционалната свеченост за празникот Водици е откажана и во Струга.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира