За само три месеци, браната Калиманци од половичен водостој денеска дојде речиси до максималното ниво од 115 милиони кубни метри вода, додека браната Гратче кај Кочани до масксимумот од 2,2 милиони кубни метри вода. Раководителот на подружница „Брегалница“ од Кочани Благојчо Богатинов, вели дека честите и поројни дождови кои го зафатија регионот придонесоа за неполни две недели овие акумулации да се наполнат речиси до максималното ниво и сега да располагаат со 114 милиони кубни метри вода во Калиманци и 2,1 милион кубни метри вода во браната Гратче.
„Во овој период имаме обилни и интезивни внрежи од дожд кои ги наполнија и двете акумулации, но состојбата е под контрола. Деновиве се врши испуст на водата онолку колку што изнесува приливот. Се врши испуст и за Калиманци, но и за двата канала за наводнување за потребите на оризопроизводителите и останатите земјоделци во регионот“, вели Богатинов.
Браната Калиманци е изградена 1969, со преградување на долината на реката Брегалница од Македонска Каменица до селото Калиманци, и ги прифаќа сите води кои доаѓаат дури од Берово и останатите места кои гравитираат кон овој дел на Осоговските Планини. Акумулацијата е долга 14 километри со најголема длабочина од 80 метри. Водниот потенцијал се користи за прозводство на струја, за што се подигнати хидроцентрала со моќност од 13 мегавати и два канала за наводнување на полињата во Кочанскиот, Злетовскиот, Штипскиот и Светиниколскиот Регион.
Т. ЈОВАНОВСКИ