Државата да ги намали придонесите за да можат малите фабрики во кожарската индустрија да исплатат минимална плата од 12.000 денари на работниците, бара Здружението на чевлари „Куманово“. Според претседателката на здружението Лидија Милановска, доколку не се изнајде решение на проблемот кој им го донесе законот за минимална плата, ќе се соочат со отпуштање на работници и затворање на погоните за производство на чевли.
„Првпат во историјата на чевларството се собравме 50 фирми од целата држава во рок од неколку дена, за да организирано се бориме за опстанок на нашите фирми. Нашата цел е да допре гласот до министерството и новата влада дека сите закони кои се прават набрзина и се гласаат преку ноќ создаваат огромни проблеми. Така е и со законот за минимална плата. Ние не сме против тоа работниците да имаат поголема плата, но бараме да нè ослободат од некоја давачка. Бараме соработка со ресорните министерства да најдеме некоја средина. Ние немаме начин да дојдеме до парите кои треба да ги исплатиме. Ако ги зголемиме цените кон странските добавувачи нема да сме конкурентни и ќе ни ја откажат соработката“, вели Милановска во име на сопствениците на малите погони кои работат лон систем.
Таа додава дека во Бугарија нивните колеги плаќаат 50 евра придонеси за секој работник, а во Албанија 20 евра, па тамошните фирми се поконкурентни и се повеќе им ја земаат работата.
„Во Бугарија има фонд за чевларската и текстилна индустрија, добиваат неповратна помош и субвенции за технолошки развој. Ние работиме со стари машини, немаме од никаде помош, државата ниту ни наоѓа работа, ниту ни дава подобри услови за работа, ниту ни помага да изградиме индустриски објекти, само ни налага зголемување на плата за 20 проценти. Инаку, со првата исплата на минимална плата, повеќето фирми имаат проблеми, а една фирма се затвори“, вели Милановска.
Таа додава дека имаат проблеми и со тоа што има многу неработни денови во годината, па не можат да стигнат да ги завршат нарачките од странските фирми. Милановска се надева дека надлежните ќе имаат разбирање за нивниот проблем и наскоро ќе го решат, во спротивно ќе има големи отпуштања во оваа индустриска гранка каде има околу 7-8.000 вработени.
С. НИКОЛИЌ