По 24 часа од исчезнувањето, пронајдено е телото на десетгодишното девојче од велешкото село Бањица.
Ешуриме Беќирова исчезнала во надојдените води на локалниот поток вчера околу 9 часот, а во СВР Велес настанот бил пријавен половина час подоцна. Нејзиното безживотно тело било пронајдено во надојдениот поток утрово околу 8 часот од страна на роднините, 300-400 метри подалеку од селото.
„Дежурен лекар беше на самото место и констатираше дека девојчето е починато“, изјави д-р Страхил Тодоров, портпарол на Итната служба при ЈЗУ Здравствен дом Велес.
Тим за спасување од вода при поплави на ДЗС-Велес, пожарникари на ТППЕ-Велес и механизација беа на терен вчера од 10 до 17 часот, до кога можело да се работи, но нивните претраги беа неуспешни. На местото на настанот е увидна екипа на СВР Велес, чија истрага треба да покаже како детето завршило во потокот.
П. ПЕЧКОВ