На 2 јануари 2016, во СВР Штип е пријавено дека е исчезната 33-годината Марина Арсова, која на 29 декември 2015 излегла од својот дом и повеќе не се вратила. Исчезнувањето на Арсова, родена во Кочани и со живеалиште во штипската населба 8 Ноември, го пријавил нејзиниот сопруг. Според кажувањата на таткото на Арсова, тој кажувал дека Марина едноставно ги напуштила него и малолетната ќерка и заминала некаде. Нејзините родители во Кочани со години се прашуваат зошто нивниот зет го пријавил изчезнувањето 4 дена подоцна, без да провери дали е кај нив или кај нејзините роднини или пријателки.
Уште првите денови од 2016 полицијата започнала обемна истрага, се пребарувале дури и брегот и самото корито на реката Брегалница во чија близина е зградата во која живее семејството Арсови. Бил испрашуван и сопругот, но немало никаква трага. Девет години таа и официјално во МВР се води како исчезната.
Нејзината мајка Ленче и таткото Никола Цветкови и тогаш и сега, велат дека не можат да помислат оти на нивната ќерка ѝ се случило најлошото и веруваат дека таа е жива, но не можат да си го објаснат фактот зошто ја нема кога во никој случај не можела да замине некаде, како што тврдел зетот дека отишла во странство и ги оставила сите, а притоа да си остави петгодишната ќерка која многу ја сакала.
Цветкови, со кои разговаравме телефонски пред новата 2025 година, и натаму во очај повикуваат на помош и бараат надлежните органи кои сега имаат нови инспекторски кадри и обвинители да ја обноват истрагата и целата постапка.
„Сè додека нема некаков доказ потврден со ДНК дека ѝ се случило најлошото истрагата треба да трае, а не да се прекине“, сметаат Цветкови и истовремено бараат во обновената истрага надлежните да бидат поенергични и по една деценија да спроведат ново полиграфско испитување затоа што првичното било контроверзно. „Во изминатите години, повеќе од 50 пати сме биле во надлежните полициски и обвинителски служби кои само ја префрлуваа надлежноста едни на други и почнаа да не нè примаат на разговор со изговор дека тие ја завршиле нивната работа“, велат Цветкови.
Марина работела во една фабрика за сушење зеленчук и нејзините колешки тогаш изјавуваа дека во последно време таа имала некаква посебна загриженост, и помислувале дека се работи за вообичаени семејни недоразбирања и несогласувања. Во 2016, веднаш по пријавувањето дека Марина е исчезната, полицијата и соседите од зградата во штипската населба 8 Ноември ја пребарале целата околина. Се барало и на други места, но и девет години потоа нема ниту еден минимален знак дека Марина е жива или дека заминала некаде.
Сомнителна дамка на ова исчезнување фрла и тоа што еден месец потоа, свекорот на Марина кој живеел во селото Лакавица кај Штип бил најден обесен во неговата плевна. Официјално, немало траги на насилство. Неговите соседи сметаа дека свекорот знаел нешто во врска со снаата, што повеќе ги зголеми сомнежот за неговата ненадејна смрт и мистеријата за исчезнувањето на Марина.
„Да не сте во наша кожа во овие девет години. Не се знае колку непреспиени ноќи сме поминале и сè уште имаме кошмари. И натаму сме упорни, иако веќе не нè примаат, сепак бараме нови ангажмани од полицијата за нова или продолжување на истрагата. Единствена мала утеха е, ако така може да се каже, што понекогаш кај нас во Кочани доаѓа внуката која тогаш стана првооделенка, но сега како средношкола си има свој живот. Како ѝ е нејзе толку години без мајка чија судбина не се знае, само таа си знае“, велат сега пензионерите Ленче и Никола Цветкови.
Т. ЈОВАНОВСКИ