До крајот на годината ќе завршат градежните работи на пруга Куманово- Бељаковце, со што ќе заврши првиот дел од делницата на железничкиот коридорот 8 кон Република Бугарија, најави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
„Нашите очекувања се дека до наредната година оваа пруга ќе биде комплетно завршена, а истовремено ќе биде започната и втората делница на пругата Бељаковце – Крива Паланка. Согласно роковите пругата од Куманово до Бугарија треба комплентно да биде завршена до 2025 година. Со склучувањето на меморандумот за железничко поврзување со Бугарија покажуваме дека ќе направиме се да се зголеми економскиот развој во државата, но и да направиме економско поврзување со другите држави и на тој начин да можат компаниите да ги освојуваат и другите пазари“, изјави Сугарески, при обиколка на работите на пругата во селото Шупли Камен со својот колега Кочо Анѓушев и директорот на Македонски железници – инфраструктура Ирфан Асани.
Вицепремиерот Анѓушев смета дека ова траса е историска затоа што се гради 15 години, а биле изградена само 23 проценти, кога тие ја наследиле.
„За овие година ипол напредокот е до 43 отсто или со други зборови некаде околу 70 отсто од градежните активности. Сите подготвителни работи во делот на документацијата веќе се решени и сега ни преостанува само интензивно да се работи на терен и јас очекувам дека процентите на имплементација и реализација ќе растат значително. Знаете дека ова е прва од трите делници на пругата према Бугарија“, изјави вицепремиерот Анѓушев.
Првата делница Куманово- Бељаковце е во должина од 30 километри и чини околу 40 милиони евра, втората траса Бељаковце- Крива Паланка 140 милиони евра од кои 68 милиони евра се гранд, третата делница Крива Паланка – граничен премин Бугарија е најскапа бидејќи поминува низ планини и изнесува 405 милиони евра, од кои 60,8 милиони евра се грант од ИПА. Целата делница од Куманово до Бугарија ќе чини над 580 милиони евра.
Директорот Асани вели дека се изградени најпроблематичните делови на пругата иако тие се на половина од работите, односно дека селото Шупли Камен се наоѓа на 15 километри од трасата Куманово- Бељаковце.
Тој додава дека се во постојан контакт со Бугарските железници и дека веќе постои договор, во кој е превидено тунел да ги поврзува пругите на двете земји, а неговата изградба ќе започна истовремено во двете земји. Министерот за транспорт на Бугарија во среда ќе допатува во посета на Македонија, каде ќе се разговара до каде се градежните активности во соседството за железничкото поврзување на двете земји.
С. НИКОЛИЌ