ДОБИТНИЧКАТА НА СВЕТСКАТА НАГРАДА ЗА ХУМАНИЗАМ СВЕТЛАНА МОЈСОВ НЕ ДОПАТУВА ВО ОХРИД ЗА ДА ЈА ПРИМИ НАГРАДАТА, НО НАПИША ДЕКА ЈА ДОЖИВЕАЛА ЕМОТИВНО ОТИ ИМА МАКЕДОНСКО ПОТЕКЛО

    ДОБИТНИЧКАТА НА СВЕТСКАТА НАГРАДА ЗА ХУМАНИЗАМ СВЕТЛАНА МОЈСОВ НЕ ДОПАТУВА ВО ОХРИД ЗА ДА ЈА ПРИМИ НАГРАДАТА, НО НАПИША ДЕКА ЈА ДОЖИВЕАЛА ЕМОТИВНО ОТИ ИМА МАКЕДОНСКО ПОТЕКЛОВо Охрид денеска се одржа беседа за лауреатот на Светската награда на хуманизмот Светлана Мојсов, истакнат научник. (Фото: А. Момировска)

    Во Куќата на Уранија (МАНУ) во Охрид, денеска се одржа беседа за лауреатот на Светската награда на хуманизмот, Светлана Мојсов, истакнат научник, професор на Универзитетот Рокфелер во САД. Со оваа награда, Охридската академија на хуманизмот го слави името на Свети Климент на сите светски меридијани.

    Мојсов, која е ќерка на македонскиот дипломат и хемичар Лазар Мојсов, поради неодложни обврски не допатува во Охрид, а во писмото кое го испрати до претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш, изрази огромно задоволство што е лауреат на престижното признание.

    „За мене претставува голема чест што сум добитник на наградата на Охридската академија на хуманизмот. За мене оваа награда има и емотивен контекст, имајќи го предвид моето македонско потекло, а воедно што ќе се приклучам кон меѓународната плејада истакнати добитници од минатото, кои создадоа од оваа награда признание со кое се гледа со огромен респект насекаде во светот“, напиша Мојсов која наградата ја доби за нејзиниот придонес во современата медицинска наука, особено за нејзините структурални биохемиски откритија и ендокринолошки достигнувања во развивањето на ефективни лекарства за справување со дијабетесот и дебелината, како и за ублажување на асоцијативни форми на патологии.

    Амбасадорот Плевнеш во својата беседа кажа дека на Охрид му прилега да биде светски центар на хуманизмот.

    „Водени од визијата на Св. Климент Македонија излезе во светот со една света и бесмртна идеја дека на Охрид му прилега да биде светски центар на хуманизмот, бидејќи друг таков град што ќе го слави хуманизмот во време кога нуклеарните сили и тиранијата на капиталот се закануваат дека ќе го уништат светот и човештвото, друг таков град прогласен за центар на хуманизмот нема. Затоа денес на празникот посветен на Св. Климент го славиме делото на добитничката на Светската награда за хуманизам за 2025 година Светлана Мојсов“, кажа Плевнеш.

    Тој потсети на идејата да се постави паметник на добитниците на Светската награда на хуманизмот во Охрид.

    „Да се надеваме дека ќе се најде жив човек или институција која во невидените количини на милиони и милијарди корупција и криминал ќе ја издвојат таа бедна сума со која ќе биде подигнат живиот монумент на Охрид како светски центар на хуманизмот“, рече Плевнеш.

    Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков кажа дека со оваа манифестација се активира генетскиот код и колективната меморија од првата школа на хуманизмот основана од големиот светител Климент Охридски кому, како што рече, денес му се поклонуваме.

    „Во време на планетарни потреси, климатски промени, природни катастрофи, поплави, бури и пожари од невидени размери, со воени жаришта и конфликти во кои се вовлекува цел свет Школата на хуманизмот доаѓа како мелем, дрво од рајот кое испушта благородни корени, а неговите кислорни капки не спасуваат“, рече Пецаков.

    Светлана Мојсов е деветнаесетти добитник по ред на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда,Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира