ДОГОВОРИВМЕ ГЕРМАНСКИ ЕКСПЕРТИ ЗА ОБНОВА НА ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО, НО СЕГА НЕ СМЕАТ ДА ПАТУВААТ ВО МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА СТЕФОСКА

    ДОГОВОРИВМЕ ГЕРМАНСКИ ЕКСПЕРТИ ЗА ОБНОВА НА ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО, НО СЕГА НЕ СМЕАТ ДА ПАТУВААТ ВО МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА СТЕФОСКАДелови од црквата брзо ќе се санираат во наредниот период за да може да ја помине зимата (Фото: СДК.МК)

    Бидејќи државата е во црвена зона поради бројот на заразени со коронавирус, експертите од Германија за заштита на културно наследство кои треба да се вклучат во реставрацијата на црквата во Курбиново не можат да дојдат веднаш, рече министерката за култура Ирена Стефоска. Се прават обиди што е можно поскоро да допатуваат и заедно со домашни екпсерти да се преземат мерки за заштита на црквата.

    „Св Ѓорги“ од Курбиново е црковен бисер од 12. век и бесценет културно-историски споменик, познат и како македонската Мона Лиза поради зачуваните фрески во внатрешноста. Но, со години е оставена на забот на времето и чека реставрација.

    Министерката Стефоска на денешната прес-конференција изјави дека интензивно вложуваат напори да продолжи процесот на конзервација на ова светско културно добро со експерти од земјава и стручна помош од Германија, а натаму и со фондовите на УНЕСКО и таа да заврши во најбрз можен разумен рок.

    „Правиме напори да видиме како во следниот период да дојдат специјалистите од Германија. На состанокот со германската амбасадорка и со советничката за култура во Германската амбасада договоривме и конкретни чекори на тема Курбиново. Контактиравме двајца врвни германски експерти уште пред десетина дена, подготвени се веднаш да дојдат, па заедно со нивните колеги од Завод и музеј Битола да погледнат во каква состојба е црквата и да се направи акциски план. Но, бидејќи ние сме во црвена зона, не можат да патуваат и да дојдат веднаш“, рече министерката.

    Таа додаде дека Завод и музеј Битола и Управата за заштита на културното наследство интензивно работат на елаборатот и финансиската конструкција за прогласување на црквата во Курбиново за културно добро во опасност.

    „Мора да се импрегнира, вратата не се затвора добро и треба да се стави мрежа на прозорците за да не влегуваат животни. Влагата и водата влегуваат на едно место. Националниот конзерваторски центар веќе неколку дена ја подготвува оваа брза санација за да може црквата да ја помине зимата“, рече министерката.

    Досега многу влади се сменија, а во првичните најави на министрите за култура беа и активности за заштита на Курбиново. Имаше и препукувања помеѓу институциите од Битола и Скопје кој е покомпетентен да ја реставрира. Досега се спроведени само заштита на покривна конструкција и превентива на ѕидното сликарство, иако со децении јавноста е сведок на ужасната состојба во која се наоѓа црквата. Ѕидовите на места се распукани, а пожолтуваат фреските, меѓу кои и ангелот на благовестието Гаврил.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира