Неколку битолски училишта утрово добија дојава за подметнати бомби. Дојави за бомби на електронските адреси на училиштата во Битола стигнуваат во текот на цел ден. Така, досега дојави добиле повеќе од половината од училиштата „Кирил и Методиј“, „Гоце Делчев“, „Ѓорги Сугарев“, „Климент Охридски“, „Коле Канински“, „Елпида Караманди“, „Даме Груев“ (централното училиште и подрачните во Долно Оризари и Карамани и училиштето „Александар Турунџев“ во село Кукуречани.
Во училиштата каде имаше дојави за подметнати бомби попладнево нема да има настава во втора смена, најави градоначалникот Тони Коњановски.
Дојавите стигнале на електронската адреса на училиштата. Наставата е прекината, а учениците, наставниците и другиот кадар се евакуирани.
Се чека антитерористичка единица од Скопје за да направи проверка во школите.
„Благодарение на брзото постапување, сите ученици, наставниот кадар и другите вработени во училиштата, се евакуирани на безбедно место, а настава во втора смена во овие училишта нема да има“, рече Коњановски.
Тој апелираше на смиреност и почитување на пропишаните правила и прописи за постапување во овие случаи.
Општина Битола е во постојана комуникација со СВР Битола, а сите општински ресурси се ставени на располагање до целосно завршување на проверките во сите основни училишта.
Ж. ЗДРАВКОВСКА