Ќе се реконструира и санира испусниот канал „Ѓолаја“ од грчка страна преку кој ќе се регулира нивото на Дојранското Езеро чии водостој последниве години прави проблеми на македонска страна. Општините Дојран и Кукуш од Грција, потпишаа договор за реализација на прекуграничниот проект „Интегриран одржлив менаџмент на екосистемот на Дојранското Езеро“, кој предвидува регулација и заштита на водата во езерото од двете страни.
Нивото на езерото кое континуирано се полни од системот „Ѓавато“ последниве години е над дозволената квота, поради што е уништена пешачката патека а општинските власти постојано ја санираат и бараат локации за нови плажи.
„Потпишавме договор и веќе се одобрени средствата за реализација на проектот. Од грчка страна треба да се санира испусниот канал кој своевремено функционираше. Но заради еколошката катастрофа со езерото, каналот ’Ѓолаја‘ е запуштен и преку него нема истек за надојдените води во езерото. Верувам дека колегите од Кукуш ќе се зафатат што поскоро да го реализираат овој дел од проектот“, рече градоначалникот на Дојран Анго Ангов.
Од надојдените води во езерото речиси 60 отсто од пешачко – велосипедската патека покрај Дојранското крајбрежје е уништена, а таа беше изградена во 2012 година. Патеката заедно со канделабрите или е под вода или е без бекатон плочки кои се однесени од брановите не езерото. Според градоначалникот Ангов за санација на патеката обезбедени се средства од повеќе меѓународни фондови, но мора прво да се стабилизира водостојот на езерото.
„Патеката ќе се санира. УНДП одобри средства за таа намена како заштитено подрачје. Планираме и да ја прошириме, бидејќи на потегот до Мрдаја, каде е најоштетена ќе отвораме нови плажи, па со патека ќе бидат заобиколени. Преку проектот со Кукуш со соседна Грција, ние како општина ќе набавиме бротче за чистење на езерската трска на овој потег и со стабилен водостој може да се интервенира“, кажа Ангов.
Со проектот се планира и набавка на мерни станици за квалитетот на водата во езерото. Вредноста на проектот е околу 420 илјади евра. Општина Дојран освен овој проект со Грција ќе реализира и друг проект за одржливо управување со биоотпадот преку производство на биогас и компост.
В. ТРАЈКОВ