Куманово е една од најзадoлжените општини во државата, со долг од 17 милиони евра. Општината работи со задолжителна резерва поради блокирана сметка и нема пари за реализацијата на поголеми проекти.
„Бруто долгот, не само на општината, туку и обврските, долговите и загубите на јавните претпријатија, се движи околу 17 милиони евра“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски, кој беше домаќин на министерот за финансии Драган Тевдовски.
Тој додаде дека разговарале и за плановите на Владата за можните инвестиции и изнаоѓање начин за решавање на финансиските проблеми и подобрување на бизнис климата во градот.
„Поконкретно, се разговараше за изградба на градинки, инвестиција во индустриската зона Речица, инвестиции за долгорочно задолжување на општината и за искористување на грантови и средства од фондовите на ЕУ“, додаде Димитриевски.
Министерот кажа дека се прават анализи како да им се помогне на презадолжените општини.
„Ние постојано ги следиме преземените, а не платени обврски на општините и во тој поглед, Куманово има сериозни обврски за враќање. Ние на централно ниво сме во фаза на анализи и размислувања за тоа како би можеле да им помогнеме на општините како Куманово“, изјави министерот Тевдовски.
Поради кредитната неликвидност, Општина Куманово не може да учествува во дел од програмите, како последниот јавен оглас на Министерството за финансии за осум милиони евра за општините, пари од Проектот за подобрување на општинските услуги, кој го спроведува Светска банка.
С. НИКОЛИЌ